„Сакам да прогласам апсолутна победа за градоначалник, но и за Совет на Општина Битола, бидејќи во новиот општински совет ќе имаме апсолутно мнозинство“, рече вечерва тој
Актуелниот и повторен кандидат за градоначалник на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски, вечерва прогласи победа во првиот круг од локалните избори, заблагодарувајќи им се на сите граѓани за поддршката.

„Сакам да прогласам апсолутна победа за градоначалник, но и за Совет на Општина Битола, бидејќи во новиот општински совет ќе имаме апсолутно мнозинство“,
рече вечерва Коњановски.
Во своето вечерашно обраќање им се заблагодари за поддршката и за довербата на битолчани и најави континуирана работа во општината.
„Благодарам на довербата што ми ја дадовте со цел да продолжиме таму каде што застанавме, иако всушност ние никогаш и не застанавме. Поддршката е огромна и е голема чест, но и одговорност и понатаму да продолжиме заедно по патот што го зацртавме. Огромна благодарност до сите граѓани, од сите етникуми, зашто Битола е мултикултурен и мултиетнички центар. Оваа победа е заедничка. Оваа победа е победа на граѓаните на Битола што го знаат патот по кој ќе продолжи градот, но и поактивно. Граѓаните препознаа што работевме изминатите четири години“,
кажа тој.
Старо-новиот градоначалник Коњановски им се заблагодари и на противкандидатите за фер и демократска битка.
Според последните податоци од Државната изборна комисија (ДИК), објавени до 23 часот, Коњановски води со 50,59 отсто од гласовите.