Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ бележат водство и во повеќето скопски општини, како Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Бутел. СДСМ води во скопски Центар
Според првичните резултати објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК) до 22:30 часот, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, води со освоени 41,96 отсто од обработени 41,47 отсто од гласовите.
Зад него се Амар Мециновиќ од Левица со 12,84 отсто, Башким Бакиу од ВЛЕН со 11,98, Каја Шукова од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) со 11,28 отсто и Скендер Реџепи од „Националната алијанса за Албанците“ (НАИ) со 10,58 отсто.

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ бележат водство и во повеќето скопски општини, како Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Бутел.
Така, во Општина Аеродром, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митевски, води со освоени 55,99 отсто од гласовите пред кандидатот на СДМС, Александар Трајановски, кој има 17,85 отсто.
Во Гази Баба водство има Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ со 56,56 отсто, додека Влатко Митовски има поддршка од 19,48 отсто.
Во Ѓорче Петров, Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ води со 59,82, а неговиот противкандидат од СДСМ, Костадин Ацевски, има 21,07 отсто.
Во Кисела Вода, Бети Стаменковска-Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од 59,38 отсто, пред Јане Ацевски од Левица што има 16,79 отсто.
Во Сарај води Мухамед Елмази од ВЛЕН со 49,20 отсто наспроти Блерант Рамадани од НАИ со 49,11 отсто.
Во Центар, водство има Горан Герасимовски од СДСМ со 40,90 отсто, пред Мирислав Лабудовиќ од ЗНАМ со 28,77 отсто.
Во Чаир, Изет Меџити од ВЛЕН има поддршка од 50,54 отсто, додека Бујар Османи од НАИ има 39,10 отсто.
Во Бутел води Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ со 52,64 отсто, наспроти Исамедин Азизи од НАИ со 27,88 проценти.
Во Карпош, Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ води со 36,37 отсто, а Стевчо Јакимовски од ГРОМ има 28,02 отсто.