Од Здружението велат дека пријави стигнале од Скопје, Охрид и Тетово, каде што имало попречување на работата на новинарски екипи

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати апел до Државната изборна комисија (ДИК) и до Министерството за внатрешни работи (МВР) да обезбедат непречен пристап и услови за работа на медиумските работници на сите избирачки места откако утрово беа пријавени неколку случаи на попречување.
Од Здружението велат дека пријави стигнале од Скопје, Охрид и од Тетово.
Од скопската општина Карпош, на избирачкото место 2626, бил пријавен обид за одземање мобилен телефон и непристоен однос кон новинарката Елида Зулбеари од страна на заменик-претседателот на Избирачкиот одбор. По интервенција на МВР, ситуацијата е решена, а од ЗНМ велат дека ќе побараат санкции од ДИК за службеното лице.
Во Охрид, на избирачкото место 1270, на екипа од јавниот сервис ѝ бил оневозможен пристап со образложение дека, покрај новинарска легитимација, им е потребна и акредитација од ДИК.
„По реакција на колегите и интервенција на самото место, пристапот беше овозможен и работата продолжи“,
велат од ЗНМ.
Трет случај бил пријавен во Тетово, каде што новинар бил попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, повторно под изговор за недостиг на акредитација.
Од Здружението велат дека за новинарите и медиумските работници не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување од избирачките места, туку само новинарска легитимација од медиумот за кој известуваат.
Здружението апелира до ДИК и до МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица за оваа одредба, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот.
„Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес е од суштинско значење за довербата во изборите“,
посочуваат од ЗНМ.
ЗНМ ги повика избирачките одбори да овозможат непречен влез на екипите, да дозволат снимање и изјави во просторот каде што не се загрозува тајноста на гласањето и при недоразбирања прво да побараат насоки од ДИК наместо да го ограничат пристапот.
Денеска, на прес-конференцијата на Државната изборна комисија во 13 часот беше поставено новинарско прашање за попреченост во работата на медиумските екипи во избирачкото место 2918 во Општина Чаир.
Од ДИК упатија апел до сите изборни органи да ги следат насоките дадени од Комисијата и да не ги попречуваат медиумите во вршењето на нивната работа.