„Тоа значи дека одлуката на Државната изборна комисија останува во сила и сите евентуални гласови за Совет на Град Скопје што би биле дадени за оваа листа, за оваа политичка партија, според нашата одлука, ќе се сметаат за неважечки“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко

Државната изборна комисија (ДИК) вчера донесе одлука за поништување на потврдена листа за членови на Советот на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице.
ДИК денеска соопшти дека по ваквата одлука подносителот на листата поднел тужба до Управниот суд против одлуката на ДИК. Но, во текот на ноќта Управниот суд одлучил да ја одбие тужбата.
„Ние ја добивме одлуката и таа ќе биде објавена дека тужбата е одбиена, а одлуката на Државната изборна комисија е потврдена. Тоа значи дека одлуката на Државната изборна комисија останува во сила и сите евентуални гласови за Совет на Град Скопје што би биле дадени за оваа листа, за оваа политичка партија, според нашата одлука, ќе се сметаат за неважечки“,
изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Кондарко вели дека на избирачките одбори, на општинските изборни комисии и на градската изборна комисија на Град Скопје им се дадени насоки ваквите гласови да се евиндентираат како неважечки во соодветните записници.