„В недела ве повикувам на историска излезеност. Секој човек да го даде својот глас и да стане дел од историската промена која ќе го смени курсот на историјата во Чаир, но и во државата“, порача кандидатот на НАИ за градоначалник на оваа скопска општина на денешната прес-конференција
Не доаѓам да владеам, доаѓам да служам – рече кандидатот за градоначалник на Чаир на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, Бујар Османи, на прес-конференцијата на последниот ден од изборната кампања пред локалните избори в недела.

Најавувајќи дека в недела на 19 октомври, на Чаир ќе му се случи, како што кажа, земјотрес од промени што ги бараат граѓаните, Османи рече дека јасно е дека станува збор за историски избори во оваа скопска општина, со кои, според него, ќе се стави на владеењето на една иста група, која 20 години го узурпира Чаир.
Говорејќи во таа насока, кандидатот на НАИ за градоначалник на Чаир рече дека на овие избори има само две страни.
„На една страна се граѓаните на Чаир, народот којшто чесно работи, скромно живее и ја сака општината – сите вие кои сакате ред, почит и грижа за општината која ја заслужувате. Од другата страна се оние кои ја узурпираа општината за себе, кои 20 години ја користеа за сопствено богатење, кои 20 години нудат празни ветувања пред избори, а потоа продолжуваа со иста песна – корупција, неред и работа само за себе“,
рече Османи.
Тој посочи дека во ова битка влегол без калкулации и на страната на народот на Чаир, за заедно со своите соседи и пријатели, да каже оти е доста за хаосот и корупцијата.
Рече дека блокираните улици, ѓубрето на секој агол, дивоградбите што ја задушуваат општината и небезбедните училишта, не се судбина, туку последица на луѓе кои 20 години владееле со чаир и сега пак сакаат да владеат.
„Тоа не се судбина и јас не ја прифаќам таа судбина. Никој не смее да ја прифати таа судбина“,
рече Османи.
Обраќајќи се пред граѓаните, тој рече дека пред нив стои со една единствена порака и еден конкретен план.
„Време е за промена и таа промена ви ја ветувам лично јас“,
рече тој.
Претставувајќи се себеси и својот тим , тој се наврати на периодот кога ја вршеше функцијата шеф на македонската дипломатија. Тогаш, како што рече, го носел гласот на народот пред светот, а кога Македонија претседаваше со ОБСЕ ја претставувал државата и го бранел народот со достоинство.
Тој кредибилитет рече денес го враќа во Чаир.
Во таа насока, Османи најави дека доколку ја добие довербата на жителите на општината во првите 100 дена ќе ги исчисти депониите во Чаир, ќе почне со изградба на паркинзи и со воведување ред во сообраќајот. Најави и дека во првите 100 дена ќе ја искорени корупцијата и ќе направи ревизија на сите дивоградби.
„Ветувам дека ни педа повеќе нема да се изгради без дозвола, притоа заштитувајќи ги граѓаните кои веќе купиле такви станови. На Чаир на 19 октомври ќе му се случи земјотрес од промени кои вие ги барате секој ден. И ова не се ветувања за една далечна иднина, ова се конкретни обврски кои ги преземам доколку ми ја дадете довербата“,
рече тој.
Но ова, како што додаде, не е битка само за подобра општина, туку и битка „за достоинството на народите во Чаир, говорејќи во пошироки рамки. Во тој контекст, Османи рече оти гледаме дека европската агенда е целосно замрена, а државата е влезена во „српскиот свет“,
Затоа, како што кажа, Чаир не смее да остане симбол на пораз и мора да биде бастион на достоинство, притоа порачувајќи им на гласачите дека нивниот глас не е само локален избор, туку порака дека стојат исправени и дека нема да дозволат никој да гази по нивната гордост.

На крајот тој упати порака до, како што ги нарече, луѓето што се тивки и кои тивко ја следат изборната кампања.
Како што истакна Османи, тие се тивката сила што на секои избори ја носат промената.
„Тивкиот глас е најмоќниот, ја менува историјата и во недела на 19 октомври нека се слушне и вашиот глас, гласот на разумот, достоинството и надежта. Вашиот глас е вашето оружје против хаосот. Вашиот глас и е вашата сила против корупцијата. Вашиот глас е чекор кон ред, кон достоинство, кон иднина. Јас сум Бујар Османи, јас сум тука за Чаир. В недела ве повикувам на историска излезеност. Секој човек да го даде својот глас и да стане дел од историската промена која ќе го смени курсот на историјата во Чаир, но и во државата“,
порача кандидатот на НАИ за градоначалник на Чаир.