Градинките, како што рече Османи на денешната прес-конференција, ќе бидат мултифункционални објекти кои ќе вклучуваат подземни паркинзи на повеќе нивоа, а едната ќе има и училиште со игралиште
Тој потсети дека веќе има лично искуство во реализација на вакви проекти, бидејќи токму тој ја обезбедил изградбата и финансирањето на најголемата градинка во Чаир „Бамби“, како министер и член на Владата
Кандидатот за градоначалник на Чаир на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Бујар Османи денеска најави изградба на две нови големи градинки со високи стандарди доколку ја добие поддршката на чаирчаини на локалните избори в недела.

Презентирајќи го проектот на денешната прес-конференција, Османи наведе дека во Чиар има недостиг од градинки и владеат услови што не одговараат на основните потреби на децата во најкритичниот период од нивниот развој.
„Имаме градинки каде што три деца делат еден кревет, каде условите во кујните и тоалетите се мизерни, а родителите сами купуваат материјали за своите деца. Тоа мора да се промени“,
констатира Османи.
Двете нови мултифункционални градинки, што ги најавува тој, се решенија подготвени од познатиот светски архитект Мише Ројкинд, од кои едната ќе го носи името „Снежана“, а другата „Росица“.
Првата е замислена како мултифункционален објект, кој ќе се протега на површина од 40 000 квадратни метри на улицата „Џон Кенеди“ и на еден простор ќе опфаќа паркинг, градинка и училиште со игралиште.
Презентирајќи го проектот, Османи рече дека Чаир е мала општина во која секој метар мора паметно да се искористи за да биде во служба на граѓаните. Во таа насока тој појасни дека решението предвидува подземен паркинг на две нивоа, кој ќе биде со капацитет од 1 000 паркинг-места.
„Градинка ‘Росица’ ќе се гради на површина од 20 000 квадратни метри и ќе вклучува современа градинка со нови услови за престој, исхрана и игра, подземен паркинг на три нивоа со над 520 паркинг-места, како и простор за игра над објектот, со цел рационално користење на секој квадратен метар во Чаир“,
рече Османи.

Со овие два проекти, како што додаде тој, ќе биде решен хроничниот проблем со недостигот на градинки во Чаир и ќе се создадат услови за современи и безбедни простори за децата во оваа општина.
Тој потсети дека веќе има лично искуство во реализација на вакви проекти, бидејќи токму тој ги обезбедил изградбата и финансирањето на најголемата градинка во Чаир „Бамби“, како министер и член на Владата.
„Јас го започнав овој процес пред години, а сега го продолжувам со визија за секое дете во Чаир да има свое место во градинка“,
порача Османи.