„Така што, ја барам поддршката и од Македонци, и од Албанци, и од Турци, од Роми, од Власи, од Срби и од сите останати. Но, истовремено ја барам поддршката и од сите политички партии, за да ја завршиме работата во првиот круг, да ги засукаме ракавите, да го исчистиме градот, да блесне Скопје, да се фокусираме на проблемите со Јавното сообраќајно претпријатие и да почнеме да ги нормализираме процесите“, изјави денеска Ѓорѓиевски
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, очекува да биде избран на функцијата уште во првиот круг од локалните избори в недела.
Вели оти е свесен дека на гласачкото ливче има голем број кандидати, но, како што додава, математички е изводливо да дојде до победата, доколку граѓаните одлучат да гласаат за него.

Ѓорѓиевски ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, на која презентираше уште еден проект од неговата програма – изградба на булевар во источниот дел на Скопје, што ќе го носи името „Хрватска“.
Ѓорѓиевски рече дека бара победа уште во првиот круг не заради себе или за, како што рече, „некаква политичка круна“, туку за да може што побрзо да почне да работи и да ги сервисира проблемите со сметот и јавниот градски превоз.
„Искрено, да. Очекувам силна победа во првиот круг. Верувам во народот, верувам во граѓаните… На сите им е јасно кој ќе биде победникот на овие избори, но победата во првиот круг би значела многу побрзо влегување во костец со проблемите. Ние околу себе насекаде имаме мини депонии, три недели пролонгирање на целиот процес ќе биде три недели повторно живеење во голгота и во хаос.
Доаѓаат зимски месеци кога треба да се реорганизираме како град. Јас не можам да дозволам повторно возрасни лица, средношколци и студенти да чекаат автобуси со часови и да мрзнат на автобуските станици. Знаете дека јас сум работник и дека ќе дадам сè од себе тие процеси да ги нормализираме од првиот ден кога ќе влезам во Градот Скопје“,
изјави Ѓорѓиевски.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје рече дека во изминатите четири години како градоначалник на Кисела Вода во сите ситуации покажал дека секогаш е на страната на граѓаните. Така, како што рече, ќе функционира и во следните четири години, ако ја добие поддршката од жителите на Скопје.
Во тој контекст, Ѓорѓиевски порача дека ја бара поддршката од сите партии и од сите граѓани бидејќи, како што кажа, ќе биде градоначалник на сите партии и на сите вери и нации.
„Во Скопје ќе имаме апсолутно рамномерен развој и во никој случај не би се довел во состојба некого да го делам. Така што, ја барам поддршката и од Македонци, и од Албанци, и од Турци, од Роми, од Власи, од Срби и од сите останати. Но, истовремено ја барам поддршката и од сите политички партии, за да ја завршиме работата во првиот круг, да ги засукаме ракавите, да го исчистиме градот, да блесне Скопје, да се фокусираме на проблемите со Јавното сообраќајно претпријатие и да почнеме да ги нормализираме процесите“,
рече Ѓорѓиевски.
Јавниот градски превоз, рече тој, одговарајќи на новинарско прашање, ќе му биде приоритет уште првиот ден ако стане градоначалник на Скопје.
Најави дека 60 автобуси на приватните превозници, на кои сега не им се издадени лиценци, ќе почнат да функционираат, а во сообраќај ќе бидат пуштени и четириесетина автобуси на ЈСП кои не се сервисирани и поради тоа не сообраќаат.
„Има најмалку 80 автобуси коишто не се сервисирани и не се ставени во функција. Половина од нив можеме веднаш да ги ставиме во функција. Апсолутно сум убеден во тоа. И во март месец очекувам 80 нови екоавтобуси од страна на Владата. Кога сме кај автобусите, јас сум пред сè да создадеме систем кој ќе функционира без разлика кој е градоначалник. Јас ќе направам најсилни јавни претпријатија споредено со било кога во минатото. Не само од ЈСП, туку и од останатите јавни претпријатија. Претпријатија на народот, кои ќе работат за народот“,
рече Ѓорѓиевски.

Во врска со приватните превозници, тој рече дека имал неколку средби со нив. Ним не им ветил чуда, но, како што рече, им кажал дека ќе им ги сервисира долговите на рати, но редовно.
Што се однесува до изградбата на булеварот „Хрватска“, него Ѓорѓиевски го најави како еден од најважните инфраструктурни проекти за источниот дел на Скопје, што треба да ја промени сообраќајната слика на овој дел од градот и што ќе донесе големо олеснување за илјадници граѓани
Со изградбата на булеварот, како што рече тој, ќе се реши проблемот со сообраќајниот метеж во овој дел преку воспоставување стратешко поврзување помеѓу Гази Баба, Бутел и Чаир, како дел од внатрешната обиколница на Скопје.
„’Хрватска’ ќе биде модерен, безбеден и функционален булевар, изграден по европски стандарди и со сите елементи на современо сообраќајно решение. Паралелно со изградбата на новиот булевар, ќе се реализира и нов водоводен крак, кој е клучен за подобрување на водоснабдувањето во високата зона на Автокоманда и Железара, како и во околните села во општина Гази Баба. Оваа инвестиција ќе овозможи стабилен притисок, сигурна испорака на вода и значително подобар квалитет на услугата за илјадници домаќинства, особено во летните месеци“,
рече Ѓорѓиевски.