Македонската претседателка ја реафирмира посветеноста кон исполнување на стратешката цел, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Ги спореди Балтикот и Балканот, посочувајќи ја очигледната разлика, односно дека во првиот, земјите членки на ЕУ застанаа зад своите соседи, а во вториот, некои членки на ЕУ го користат привилегираниот статус за да го условуваат, па го блокираат политичкиот пат на соседот кон Брисел. Предупреди на опасноста од реплицирање на преседанот со билатерализација на македонскиот процес на интеграција, надвор од Копенхашките критериуми, не само во регионални рамки, туку и пошироко
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува помош од Европската Унија во пронаоѓањето излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции бидејќи, како што вели, прифаќањето на земјите од Западен Балкан во Унијата не е само прашање на проширување, туку ја засега и безбедноста и стабилноста на Европа. Ова, како што информираат од претседателскиот кабинет, македонската претседателка го рекла на вчерашната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамки на нејзината регионална турнеја ја посети државата и имаше средби со државниот врв во Скопје.

Според претседателката, иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето гласање со квалификувано мнозинство, би било храбра одлука, што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор.
Посетата на претседателката на ЕК на земјава, Сиљановска-Давкова ја оцени како охрабрувачка и поттикнувачка за европската реинтеграција на регионот.
Како што се вели во соопштението од претседателскиот кабинет, Фон дер Лајен разговорот со Сиљановска-Давкова го започнала со изразување отворен интерес на Европската Унија за Западен Балкан, поради неговата природна припадност во географска, историска и културна смисла, но и поради тектонските промени на меѓународниот поредок и зголемените светски и европски безбедносни закани.
Македонската претседателка ја реафирмира посветеноста кон исполнување на стратешката цел, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Ги спореди Балтикот и Балканот, посочувајќи ја очигледната разлика, односно дека во првиот, земјите членки на ЕУ застанаа зад своите соседи, а во вториот, некои членки на ЕУ го користат привилегираниот статус за да го условуваат, па го блокираат политичкиот пат на соседот кон Брисел.
„Претседателката предупреди на опасноста од реплицирање на преседанот со билатерализација на македонскиот процес на интеграција, надвор од Копенхашките критериуми, не само во регионални рамки, туку и пошироко“,
се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.

Воедно, претседателката потсети на непочитувањето, односно кршењето на некои фундаментални принципи и вредности на основните конститутивни акти на ЕУ што ги гарантираат националниот и културниот идентитет на државите и нациите, како и достоинството и интегритетот на граѓаните.
„Исто така, таа изрази подготвеност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори“,
пишуваат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Претседателката на средбата со Фон дер Лајен посочи оти мораме да ја насочиме енергијата кон реформите во судството и бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот.
Укажа на важноста за регионот на СЕПА, Западнобалканскиот роаминг, „Везилка“ – Националниот центар за вештачка интелигенција, „Хоризонт“, како и на големите очекувања од инфраструктурните проекти, како коридорите 8 и 10.
На крајот од разговорите, Фон дер Лајен ја изрази и јасната волја кај сите 27 земји членки на ЕУ за забрзано реинтегрирање на Балканот.
Го поздрави значајниот прогрес на земјава постигнат во рамки на Планот за раст, потенцирајќи дека земјава заслужува да оди напред.
Фон дер Лајен, по вчерашните средби со македонскиот државен врв во Скопје порача дека Европската Унија е подготвена за преговори со С Македонија, но топката е во вашиот двор.
По средбите, конкретно онаа со премиерот Христијан Мицкоски, не беа предвидени изјави за медиумите, своите пораки Фон дер Лајен ги соопшти преку две објави на платформата Икс.
Во едната таа конкретно се осврна на евроинтеграциите на земјава, додека во другата ги најави проектите и придобивките за земјава во рамките на Планот за раст.
Потврдувајќи ја поддршката на Европската Унија за Северна Македонија на нејзиниот пат кон Унијата, Фон дер Лајен вели дека единствениот чекор што треба да го направи земјава пред почетокот на преговорите е да ја направи договорената промена на Уставот.
„Ние целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“,
напиша Фон дер Лајен на Икс.
На средбата, како што соопштија од Владата, било разговарано за европската перспектива на земјава, напредокот во реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.