Во контекст на темата, тој покажа фотографија од актуелниот претседател на СДСМ Венко Филипче, направена во времето кога бил советник на ексминистерот за здравство Никола Тодоров, во Владата на Никола Груевски
Секој има право со кого сака да седи во кафеана, вели лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, коментирајќи ја фотографијата што се појави на социјалните мрежа на која носителката на листата за советници на ЗНАМ во Охрид, Марина Ѓоргоска, е во друштво со експретседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Димитриевски кој се бори за трет градоначалнички мандат во Куманово, овојпат со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, прашан за фотографијата на Ѓоркоска, во вечерашното гостување во централниот дневник на ТВ Сител, рече дека таа и Црвенковски се добри пријатели.
„Добар дел од луѓето во ЗНАМ се поранешни членови на СДСМ, добри луѓе…Црвенковски е еден од основоположниците на СДСМ, јас него го почитувам, сум кажал многу работи. Тој не е во ЗНАМ, ниту пак се има потпишано за мене и за кандидатурата, а кој со кого седи во ресторани, на приватни седенки, тоа е лична работа“,
изјави Димитриевски.
Тој упати критики до актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, за неговиот коментар на фотографијата на Црвенковски со членови на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и во контекст на темата, покажа фотографија од Филипче, направена во времето кога бил советник на ексминистерот за здравство Никола Тодоров, во Владата на Никола Груевски.
„Жалам што таа партија (СДСМ) дојде на ова ниво. Има прекрасни членови, имам многу добри другари таму. Искрено жалам и час поскоро треба да си заминат тие луѓе од таму, бидејќи социјадемократијата во Македонија не заслужува да ја водат лажни социјалдемократи кои уживаат по јахти, се возат во луксузни автомобили, а овде се продаваат во јавноста како чесни души. Бидејќи ако тргнам уште од периодот, на почетоците, 2016, некаде 2017 г., Фондот за иновации, оние набавки на вакцини, реагенси, жути компании итн., тоа се сè афери што го следат него. Како тоа со скромни докторски плати се купуваат толкав број на станови. Така што мислам дека е некоректно, сепак Црвенковски биле еден од основоположниците на СДСМ…
рече Димитриевски.
Инаку, со фразата „Или си СДСМ или не си“, актуелниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска ја прокоментира фотографијата која се појави на социјалните мрежи, а на која, експретседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, е во друштво на градоначалникот на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков.
Фотографијата е направена во угостителски објект во Охрид, а покрај Пецаков, на масата заедно со Црвенковски седат и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Саше Донев, и Јован Мирчески – газда на „Пупе компани“, поранешен член на СДСМ, кој во меѓувреме со неговите поддржувачи од Охрид премина во ЗНАМ. Членот на Советот на Општина Охрид од редовите на ЗНАМ (претходно „Охрид пред сè“) е дел од мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ во охридскиот совет.
Покрај оваа, на социјалните мрежи се појави и фотографија на која Црвенковски е во друштво на носителката на листата за советници на Движењето ЗНАМ во Охрид, Марина Ѓоргоска. Фотографијата е објавена на нејзиниот фејсбук-профил , а под неа пишува: „Со најдобриот и посебен лидер“.
Инаку, лидерот на ЗНАМ во вечерашното интервју потенцираше дека СДСМ за него е завршена приказна и дека ЗНАМ е автохтоно и автономно политичко движење.
„Јас не сум градоначалник на партија, туку градоначалник на сите граѓани. Работам за доброто на сите нив. Очекувам убедлива победа уште во првиот круг, а доколку има втор круг – очекувам поддршка од сите гласачи, без разлика кого поддржале претходно, вклучувајќи и некои од политичките партии на Албанците, како партнерот во власта „Вреди“, бидејќи тие не ги носат гласовите в џеб“,
рече Димитриевски.