Жителите на Бутел, вели таа, имаат акутен проблем со недостиг на вода за пиење и никој не презема ништо околу тоа. Според неа, проблемот не се решава со козметички зафати во ек на изборна кампања

Уредување на коритото на реката Серава, пешачки и велосипедски патеки и зелена оаза наместо дива депонија, се дел од проектите што кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска ги најави за Општина Бутел.
Според Шукова, Бутел одамна чека на вистинска промена – нови улици, чисти паркови, поврзани населби и општина што ги слуша граѓаните.
„Знам дека луѓето во Бутел се уморни од празни ветувања. Затоа мојата визија е едноставна, работа, резултати и одговорност. Ќе ја вратиме Серава како гордост на заедницата, уредено корито, пешачки и велосипедски патеки и зелена оаза наместо дива депонија“,
рече Шукова на денешната прес-конференција.
Таа се осврна и на изградба на нови мостови и надвозникот на булеварот „8 Септември“, за кои рече дека ќе го поврзат Бутел со центарот, ќе го скратат времето на патување и ќе донесат подобар јавен превоз.
Според Шукова, со клучката меѓу булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ и новите булевари, Бутел конечно ќе стане рамноправен дел на Скопје со модерна инфраструктура, осветлени улици и безбедни патишта.
Жителите на Бутел, вели таа, имаат акутен проблем со недостиг на вода за пиење и никој не презема ништо околу тоа. Според неа, проблемот не се решава со козметички зафати во ек на изборна кампања.
„Има системско решение, целосно решение наместо паушални зафати, каде ќе се реши проблемот на едно место во општината, а ќе се зголеми на друго. Најважно од сè е дека ќе градиме општина каде секој жител е вклучен, општина што не дели, туку соединува“,
додаде Шукова.
На новинарско прашање за тоа колку може да се санира од пивката вода која се губи и колкави се загубите досега според податоците, Шукова рече оти проценките се дека се губи 60 проценти вода, дел поради инфраструктурата за водоснабдување која не е одржувана со години.
„Главната водоводна цевка кога ќе се работи БРТ секако ќе се отвори и ќе видиме какви се можностите и потребите за санација, иако се направени неколку снимања во изминатите години, за жал, никој не ги спровел на дело, никој не ги употребил тие снимања бидејќи се знае каде се главните проблеми каде се губи водата од системот за водоснабдување“,
рече Шукова.
Таа вели дека проблем за загубите се и дивите приклучоци, како и ненаменското користење на водата за пиење.
Прашана колку е изводливо да се реализира нејзината најава за изградба на 15 паркови за 15 месеци, таа рече дека е возможно бидејќи точно се знаело на кои локации ќе се работи.
„Дел од парковите ќе бидат нови, дел ќе бидат оние кои се во девастирана состојба и мора да се подобрат. Тоа што е интересно, покрај 15 паркови за 15 месеци, јас најавив и 10 илјади нови садници, меѓутоа за промена ќе направиме и овошни садници, малку да го разубавиме Скопје. Тоа го имаше пред 20-30 години во Скопје. Ајде повторно да ја вратиме таа пракса покрај зимзелени и листопадни дрвја, да засадиме и овошни садници“,
додаде Шукова.