Јавен обвинител до судија на претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи тоа е единствениот начин да се обезбеди негово присуство во понатамошната кривична постапка
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против 19-годишник осомничен за продолжено кривично дело – тешка кражба и кривично дело – одземање моторно возило.

Како што информираат од Обвинителството за опис на случајот, осoмничениот за помалку од дваесетина дена, односно од 22 септември до 9 октомври годинава, извршил четири тешки кражби на велосипеди и електрични тротинети во центарот на Скопје.
„При кражбите користел сила за да ги скрши сигурносните сајли со кои биле обезбедени превозните средства, а со цел да ги одземе“,
се вели во соопштението од ОЈО Скопје.
На тој начин, тој прибавил противправна имотна корист од околу 170 илјади денари.
На 29 септември, пак, осомничениот одзел туѓо моторно возило – мопед, вреден 60 илјади денари, со намера да го употреби за возење.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи тоа е единствениот начин да се обезбеди негово присуство во понатамошната кривична постапка.