Директорот на ЈП „Железници – инфраструктура“ најави дека за најмалку една година се очекува да се изработува проектот, по што ќе следува обезбедување финансиски и градежни работи, што треба да завршат за пет до шест години, истовремено со пуштањето на брзата пруга на Коридорот 10 и на железничкиот крак до скопскиот аеродром
Почнува проектирањето за целосна реконструкција на Железничката станица во Скопје, со зачувување на нејзиниот автентичен изглед. Ова денеска го најави директорот на Јавното претпријатие „Македонски железници –инфраструктура“, Синиша Ивановски, посочувајќи дека активностите ќе се спроведуваат во соработка со Градежниот и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Покрај тоа, Ивановски најави и дека ќе се работи и на ремонт на пругата Зелениково – Велес, како и на санација на неколку свлечишта, но и на мостот на Црна Река, што делумно се урна во 2022 година.
„Сите сме сведоци во каква незавидна состојба е овој објект, еден од најеминентните објекти во државата. Во таа насока, ќе се направи целосна реконструкција на Железничката станица во Скопје, со зачувување на основниот нејзин изглед, како што е направено во 1981 година според проектот на Кензо Танге, но со нови современи елементи. Ќе се менуваат инсталациите, греењето и ладењето“,
вели тој.
Според него, станицата сега изгледа како пит-стоп на „Формула 1“, како рекламно пано и како турбофолк хаб, но додава оти веќе нема да биде така.
„Ќе има забрана за рекламирање на какви било билборди. Ќе има промена на содржини. Железничката станица не може да биде турбофолк хаб во државата. Може да има содржини од општествен интерес, нека има аптека, цвеќара, комерцијални содржини што секаде се општоприфатени, но доградби или ќебапчилници со новиот проект нема да бидат дозволени. Самите столбови на станицата служат како рекламно пано за концерти и тоа нема да биде дозволено. Значи, билборди, реклами и графити на Железничката станица нема да бидат дозволени“,
рече Ивановски.
Најави дека за најмалку една година се очекува да се изработи проектот, по што ќе следува обезбедување финансиски и градежни работи, што треба да завршат за пет до шест години, истовремено со пуштањето на брзата пруга на Коридорот 10 и на железничкиот крак до скопскиот аеродром.
„Ако завршиме со проектот за една година, потоа финансирањето ќе биде или со државниот буџет или со заем од ЕБРД и ЕИБ, но не е исклучена можноста овој проект да влезе во стратешко партнерство со Велика Британија, со кои ќе правиме и многу капитални инфраструктурни проекти“,
кажа тој.
Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, рече дека конечно овој долго задоцнет проект ќе има свој почеток, а нивна задача ќе биде на железничкиот Коридор 10 да направат целосна реконструкција и рехабилитација на елементите на пругата, како и санирање мостовски конструкции, на свлечишта и потпорни ѕидови.
Деканката на Архитектонскиот факултет, Анета Христова Поповска, рече дека прво ќе се прави документирање и анализа на оригиналната документација на Железничката станица, а надградувањето ќе се одвива во фази.
„Ќе има надградба со содржини со кои објектот ќе стане социјален хаб и отворено плато за културниот и јавниот живот на скопјани, кои тука нема да доаѓаат само за железничкиот сообраќај, туку и за културниот живот. Во таа смисла, ќе ги преиспитаме оригиналните аспекти на дизајнот на Кензо Танге, ќе бидеме многу внимателни софистицирано да ги редизајнираме сите аспекти. Приклучокот со брзата линија, брзата железница во Европа е извонредна работа, го очекуваме со години и им го должиме на генерациите после нас“,
рече таа.
Железничката станица во Скопје е пуштена во употреба во јули 1981 година.