Со смртта на Владимир Блажев-Панчо, бројот на загинати лица во трагичниот пожар во „Пулс“ се искачи на 63 лица
Почина музичарот Владимир Блажев-Панчо, дел од дуото ДНК, кој беше тешко повреден во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март 2025 година.

Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде што додаваат дека ќе биде издадена наредба за обдукција.
„Јавното обвинителство ќе издаде наредба за обдукција на лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба“,
велат од Јавното обвинителство.
Сега покојниот Блажев беше еден од осомничените за кои Обвинителството времено ја прекина постапката, поради здравствената состојба во која се наоѓаше.
Тој неколку месеци се лекуваше од тешките повреди здобиени во пожарот во „Пулс“ во една од приватните болници во Скопје.
Владимир Блажев-Панчо почина на 46-годишна возраст. Тој беше роден на 29 јули 1979 година во Скопје.
Пожарот во „Пулс“ се случи за време на настап на групата ДНК, а во него на самото место тогаш загина другиот член на познатото музичко дуо, Андреј Ѓоргиески.
Во трагедијата животите ги загубија и други членови на бендот – придружниот вокал Сара Пројковска, клавијатуристот Филип Стевановски, тапанарите Георги Георгиев и Александар Коларов. Меѓу загинатите беше и фотографот на групата Александар Ефремов.
Со смртта на Владимир Блажев-Панчо, бројот на загинати лица во трагичниот пожар во „Пулс“ се искачи на 63 лица.