Трамп, пак, во разговор со новинарите во неговиот авион, ги поздрави пофалбите на поранешниот претседател Бил Клинтон за неговата улога во посредувањето за договорот за прекин на огнот во Газа, нарекувајќи ја „многу убава“

Поранешните американски претседатели Џо Бајден и Бил Клинтон го пофалија актуелниот претседател Доналд Трамп за неговиот придонес во постигнувањето прекин на огнот во војната во Газа.
„Ги пофалувам претседателот Трамп и неговиот тим за нивната работа да го донесат обновениот договор за прекин на огнот до целта“,
напиша Бајден на социјалната мрежа Икс.
I am deeply grateful and relieved that this day has come – for the last living 20 hostages who have been through unimaginable hell and are finally reunited with their families and loved ones, and for the civilians in Gaza who have experienced immeasurable loss and will finally…
— Joe Biden (@JoeBiden) October 13, 2025
Тој вели дека сега, со поддршка од САД и глобалните партнери, Блискиот Исток е „на пат кон мир кој се надевам дека ќе трае и иднина за Израелците и Палестинците со еднакви мерки на мир, достоинство и безбедност.
Бајден, исто така, ја истакна улогата на неговата администрација во преговорите, велејќи дека таа „работела немилосрдно за да ги врати заложниците дома, да обезбеди помош за палестинските цивили и да ја заврши војната“.
„Длабоко сум благодарен и олеснет што дојде овој ден – за последните 20 живи заложници кои поминаа низ незамислив пекол и конечно се обединија со своите семејства и најблиски, како и за цивилите во Газа кои доживеаја неизмерна загуба и конечно ќе добијат шанса да ги обноват своите животи“,
пишува Бајден.
Бил Клинтон, исто така во објава на Икс, вели дека претседателот Трамп и неговата администрација, Катар и другите регионални актери заслужуваат голема пофалба за тоа што ги држеле сите ангажирани додека не се постигне договорот.
Клинтон ги повика Израел и палестинската милитантна организација Хамас, со поддршка од САД, да го „претворат овој кревок момент во траен мир што обезбедува достоинство и безбедност и на Палестинците и на Израелците“, додавајќи дека верува оти тоа е можно „ако го направат тоа заедно“.
„Ужасите од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година и конфликтот што го разгореа, резултираа со неподносливи човечки загуби. Беше тешко да се гледа и речиси невозможно да се рационализира. Благодарен сум што се воспостави прекин на огнот, што последните 20 живи заложници се ослободени и што очајно потребната помош почна да пристигнува во Газа“,
пишува Клинтон.
My statement on the ceasefire between Israel and Hamas: pic.twitter.com/lN0xQxGHfT
— Bill Clinton (@BillClinton) October 13, 2025
По минатонеделното објавување дека е постигнат мировен договор за Газа, поранешниот претседател Барак Обама во објава на Икс рече дека „сите треба да бидеме охрабрени и растоварени што крајот на конфликтот е на повидок“, без да го спомене Трамп.
„Сепак, сега на Израелците и Палестинците, со поддршка на САД и целата светска заедница, им паѓа да ја започнат тешката задача за обнова на Газа – и да се посветат на процес кој, преку признавање на заедничката човечност и основните права на двата народа, може да постигне траен мир“,
напиша Обама.
After two years of unimaginable loss and suffering for Israeli families and the people of Gaza, we should all be encouraged and relieved that an end to the conflict is within sight; that those hostages still being held will be reunited with their families; and that vital aid can…
— Barack Obama (@BarackObama) October 9, 2025
Трамп, пак, во разговор со новинарите во неговиот авион, ги поздрави пофалбите на поранешниот претседател Бил Клинтон за неговата улога во посредувањето за договорот за прекин на огнот во Газа, нарекувајќи ја „многу убава“.
„Мислев дека беше многу убаво, всушност. А што прави тој? Тој ја кажува вистината“,
рече Трамп на враќање кон Вашингтон од Блискиот Исток.
Трамп се осврна на својот минат однос со Клинтон, велејќи дека секогаш се сложувал со него.
„Тој ми беше пријател, дојде на мојата свадба, знаете, и таа. Луѓето не го знаат тоа, но секогаш ми се допаѓаше“,
додаде тој.
Вчера, на самитот на светските лидери во египетското одморалиште Шарм ел Шеик беше потпишан мировниот договор за Газа. Потписот на документот прв го стави американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека требаше да поминат 3 000 години за да се случи ова.
По Трамп, документот го потпишаа египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и катарскиот емир Хамад ал Тани.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп одржа говор во Кнесетот, за што рече дека е голема чест.
Американскиот претседател ја пофали „големата храброст и патриотизам“ на премиерот Бенјамин Нетанјаху велејќи дека неговото партнерство многу придонело за да биде можен овој ден.