Антикорупциска доставила барање до Правниот факултет за доставување документација за наводите во пријавата, при што е утврдено дека на седница на Деканската управа одржана на 30 септември е донесен заклучок да се одложи точката за утврдување на потребата за нов наставен кадар и таа е одложена до крајот на ноември, односно до почетокот на декември
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 23. седница расправаше и за случај поврзан со сомнежи за обид на партиски вработувања на асистенти на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, пренесува ТВ Телма.

Заменик-претседателката на ДКСК, Цвета Ристова, на денешната седница образложи случај од познат подносител со наводи за сомневање за прекршување на Изборниот законик од страна на раководството на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, дека во тек на изборен процес факултетот донел одлука за утврдување потреба од вработување на 12 асистенти.
Според пријавата, се изразува сомневање дека е сторено прекршување на Изборниот законик и обид за партиски вработувања на кандидати фаворизирани од страна на одредени политички партии.
Антикорупциска доставила барање до Правниот факултет за доставување документација за наводите во пријавата, при што е утврдено дека на седница на Деканската управа одржана на 30 септември е донесен заклучок да се одложи точката за утврдување на потребата за нов наставен кадар и таа е одложена до крајот на ноември, односно до почетокот на декември.
Според образложението на Ристова, имајќи предвид дека точката е тргната од дневен ред на седница на Деканската управа и не е почната постапка за вработување на нови лица, нема потврда за прекршување на Изборниот законик.
Поради тоа, членовите на ДКСК гласаа за прекин на предметот.