Според Судот, во вештачењето на одбраната на Штекли постои основ за пристрасност бидејќи е направено од долгогодишен лекар на Трајковски. Од друга страна, Судот е убеден во вештачењето на психијатарот Оливера Суботин-Поповска, кое, според прегледот врз Трајковски, предвидува дека тој е способен да го следи судењето
Основниот кривичен суд Скопје го одби приговорот на одбраната на Раде Трајковски Штекли, во кој се наведува дека обвинетиот е психотичен и не е способен да го следи судењето на главната расправа за случајот во кој е обвинет за трговија со дрога.

Пред почетокот на денешното рочиште, претседателот на Судечкиот совет, Илија Трпков, информира дека според Судот, во вештачењето на одбраната постои основ за пристрасност бидејќи е направено од долгогодишен лекар на Трајковски. Од друга страна, посочи дека обвинетиот е прегледан од страна на психијатарот Оливера Суботин-Поповска, а според прегледот, тој е способен да го следи судењето и да се произнесе за вина.
„Само во исклучителни случаи се наредува супервештачење, но во овој случај Судот беше убеден од вештото лице Оливера во однос на способноста на обвинетиот Раде Трајковски да го следи судењето“,
изјави судијата Трпков.
На рочиштето во четвртокот минатата недела, Трпков изјави дека Судечкиот совет ќе ги разгледа спротиставените вештачења на Обвинителството и одбраната за психичката состојба на Раде Трајковски-Штекли, по што ќе одлучи дали предметот ќе биде даден на супервештачење или ќе продолжи главната расправа на судењето.
Одбраната на Штекли преку вештачењата тврди дека тој е психотичен и не е во состојба да ја следи главната расправа, а според вештачењето на Oбвинителството, тој е во добра здравствена состојба.