Бројот на бездомници во Северна Кореја се зголемува, а голем број на семејства јадат само по двапати во денот или јадат само пченка, другите гладуваат, вели Томас Охеа Кинтана, специјален известувач за човекови права на Обединетите нации во Демократска Народна Република Кореја.
Тој додаде дека состојбата се влошила за време на речиси петмесечното затворање на границата со Кина и строгите мерки за карантин воведени поради пандемијата.
Кинтана го повика Советот за безбедност да ги разгледа санкциите изречени на Северна Кореја за да може да се обезбеди храна во земјата.
Северна Кореја, која претрпе глад во средината на 90-тите години, од што починаа три милиони луѓе, е единствената земја во светот која не пријавила случаи на коронавирус до Светската здравствена организација.
„Пандемијата донесе драстични економски тешкотии за Северна Кореја. Падот од 90 проценти во трговијата со Кина во март и април доведе до огромни загуби“,
рече Кинтана.
Според него, има извештаи за зголемување на бројот на бездомници во големите градови и деца на улиците. Тој вели дека се зголемува бројот на семејства кои јадат двапати на ден или јадат само пченка, додека некои гладуваат.