„Тоа е нашето судство како пупка отворено од Заев, Филипче и СДС. 100 милиони денари е еднакво на куќен притвор“, пишува во соопштението од владејачката партија
Откако вчера битолскиот суд им одреди куќен притвор на сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски, и на уште еден осомничен, кои се опфатени во новата истрага за злоупотреби во РЕК „Битола“, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвинија опозицискиот Социјалдемократски сојуз дека на овој начин токму нивното судство ги охрабрува криминалците.

„Криминалот на СДС и договорените тендери со компанијата ‘Марковски‘ за кои ние многу говоревме, бидејќи имавме многу сомнежи, излегоа дека се вистинити. Фирмата ‘Марковски‘, која во период од две години заработила преку државата околу 200 милиони евра, сега е осомничена дека тендерите што ги добивала биле местени. Финансиската полиција го уапси сопственикот Борче Марковски затоа што се товари дека го има оштетено буџетот на државата за 100 милиони денари“,
се вели во соопштението од владејачката партија.
Оттаму велат дека опозицијата повторно ѝ излегува во пресрет на компанијата „Марковски“ и преку нивното судство на сопственикот му се определува куќен наместо затворски притвор.
„Тоа е нашето судство како пупка отворено од Заев, Филипче и СДС. 100 милиони денари е еднакво на куќен притвор. Наместо да ги казнува криминалците, судството им дава кураж на криминалците да продолжат со криминалот и да не одговараат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, реформите во судството се повеќе од потребни.
Од владејачката партија реагираат и на последните изјави на Филипче дека судството било професионално, порачувајќи му дека тоа не е случај со одлуката за куќен притвор за Марковски.
Филипче од вчерашната предизборна трибина на партијата во Кавадарци рече дека премиерот Христијан Мицкоски не сака независно, туку свое судство и обвинители кои не работат по закон туку по тефтерчињата во белата палата.