На денешното рочиште беа сослушани неколку сведоци, меѓу кои шалтерска работничка, поранешен член на Управниот одбор (УО) и раководителка на Клиничката аптека

Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството во Кривичниот суд денеска продолжи судењето против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, за обвиненија што не се однесуваат за лекување на пациентите, туку за економското работење на клиниката – предмет наречен „Онкологија 2“.
На денешното рочиште беа сослушани неколку сведоци, меѓу кои шалтерска работничка, поранешен член на Управниот одбор (УО) и раководителка на Клиничката аптека.
Раководителката на Клиничката аптека, која е на таа позиција од 2012 година, рече дека на Клиниката се правела набавка на лекови од условен буџет на реверс пред да биде склучен договор со набавувач и да биде завршена јавната набавка.
Таа појасни дека лековите на реверс се примале исто како и лековите на цврста нарачка и биле заведени електронски, но дека приемот на реверс бил исклучиво со писмено потпишано барање од директорот кое претходно било архивирано.
Според нејзиното сведоштво, цврста нарачка се прави кога договорот за јавна набавка е завршен и се става број на договор, додека при барање за реверс таков број не постои.
Вториот сведок, поранешен надворешен член на Управниот одбор на Клиниката во периодот од 2018 до 2023 година, рече дека УО носел одлуки за набавка на лекови по барање на директорот, но секогаш со нагласување дека тоа мора да биде со согласност од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
„Ние не навлегувавме, не знаевме што и како се набавува“,
рече сведокот.
Според сведокот, на седниците на УО немало официјална информација за презадолженост на Клиниката, но дека уште тогаш имало допис до ФЗО во кој се предупредувало дека Клиниката ќе дојде во незавидна финансиска ситуација доколку не се направат плаќањата преку Фондот.
На денешното рочиште беше сослушан и сведок – шалтерска работничка на Клиниката, додека директор бил Нино Васев, која објасни како се постапувало со пациентите, посочувајќи дека откако ќе дојде кај нив, се вади неговата здравствена историја и се дава на докторот, а по прегледот таа се заверува.
„Ако треба да прима дневна терапија, вадиме упат и правиме финансиска пресметка“,
појасни сведокот.
Според сведокот за т.н. условна терапија додека директор на Клиниката бил Нино Васев, тој се потпишувал, а сега секој втор четврток има стручен колегиум на кој присуствуваат сите шефови на оддел и се потпишуваат на една листа.
На почетокот на денешното рочиште, Судот информира дека за барањето за изземање на јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска, републичкиот јавен обвинител оценил оти не се исполнети условите, а обвинителката ги извршува работите навремено и совесно.
За барањето за изземање на вештакот Елизабета Дамевска-Јовановска, судијката Славица Наумовска-Јосифовска појасни дека не се исполнети условите за тоа бидејќи обвинетиот и вештакот не биле вработени во иста институција во исто време, со оглед дека вештакот извршувала функција в.д. економски директор од 2015 до 2017 година, пред да бидат именувани Васев и Нухи.
Обвинетите Нино Васев и Нехад Нухи на почетокот на судењето рекоа дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар. Нивната одбрана тврди дека обвинението за „Онкологија 2“ е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица што се инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за поранешен медицински и економски директор, што биле сменети од функциите токму од Васев.