Не можев да стојам настрана и пасивно да гледам што му се случува на градот, вели професорот Горан Марковски по кандидатурата за градоначалник на Скопје и категорично демантира дека како независен кандидат „одработува“ за некој партиски кампус
Марковски за „360 степени“ зборува за животниот пат, за визијата за Скопје, за актуелната кампања, како и за неговиот најголем адут – мостовите. Погледнете го неговиот портрет во видеото
Професорот и декан на Градежен факултет, Горан Марковски, со години ги храни студентите, јавноста и државата со неговата експертиза – бетонски конструкции. И, по децении професура, Марковски се одлучи за сосема поинаква кандидатура – независен кандидат за градоначалник на Скопје.
Велосипедот му е заштитен знак, а зад неговата кандидатура стои граѓанската платформа „Независни заедно. Води скромна кампања, а сепак, уште на почетокот, успеа да привлече внимание.
Роден е во Скопје. Во младоста бил активен кошаркар, а кајакарството му е пасија до денес. Две години по дипломирањето работел како софтвер-инженер во Љубљана, по што му се враќа на родниот град. Моментално е редовен професор на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции и само што го закружи мандатот како декан на матичниот факултет.
Ако ваквите колосални суштества исчезнале од вакви промени на земјата, што да очекуваме ние кои во споредба со нив сме ситна невидлива единка?, кажа Марковск и на една од прес-конференции во кампањата
„360֯: Професоре, да беше градот – студент, каква оценка ќе му дадевте?
Марковски: Без размислување петка. Најниска. За жал, мора на поправен.
360֯: Зошто така?
Марковски:Па, затоа што градот ги изгуби сите атрибути што го чинат град, да не зборуваме за метропола. Скопје е далеку од метропола, далеку од европска метропола. Скопје можеше да биде многу подобро, многу подобро за животот на неговите жители, за скопјани. Сега не само што не им овозможува убав и пријатен живот, туку и го загрозува и нивното здравје и нивната безбедност, она што практично е најургентно што треба да се смени и што престои како прва и основна задача на идниот градоначалник на Скопје.
360֯: Зошто еден човек условно кажано би ја напуштил помотната професорска позиција, за да се зафати со решавање на градски проблеми, ако евентуално победите?
Марковски: Затоа што веќе навистина не можев да стојам настрана, после толку години искуство во областа на градежништвото, после многу години мој општествен ангажман, особено во областа на струката, пасивно да набљудувам што му се случува на овој град. Решив, еве, ако сакате и мазохистички, да тргнам во оваа битка, за да со своето знаење и со своето искуство му помогнам на градот и на моите сограѓани.“
Марковски најчесто може да го забележите во реонот Буњаковец.
„Целиот мој живот можам да кажам е поминат во еден триаголник, меѓу делот Буњаковец-Тафталиџе, гимназијата Орце Николов каде што имам учено средно училиште и Градежниот факултет односно еве Буњаковец како поголем локалитет. Моето движење е во овој дел на градот и тука се чувствувам најдобро како свое, што не значи дека други дејствија не вршам и во другите делови на градот“,
вели Марковски.
Тој им е добро познат и на трговците.
„Го познавамнајмалку20 години. Поштен и чесен човек, за мене, за другите не знам. Доаѓа си пазари, не прашува колку е, што е, само си бара поквалитетно и тоа е. Дај боже да успее.“
„Многу има да се поправи, прво превозот, мислам дека тоа е најболна точка, потоа ѓубрето, градот врие од ѓубре, паркинг просторот, можеби и тоа е на прво место. Мислам дека ќе може да ги подобри состојбите, мислам дека струката му е баш тоа. Мислам дека би можел нешто урбанистички вака да направи, да го потсреди градот.“
„Одличен човек, добар е, сè најубаво за него..Нема потреба од критика за професорот, апсолутно. Го знам години… мушерија е тука. Се најубаво.“
Овој кандидат за градоначалник зад себе нема партиска машинерија. Затоа го нема на билборди, ниту на скапи спотови. Води главно онлајн кампања, а за тоа како да се претстави пред граѓаните користел и вештачка интелигенција.
„Па еве, мојот билборд е во џебно издание. Тоа е мојот билборд со којшто се рекламирам. Тоа е една моја стрип интерпретација како ChatGPT ме замислува во, во стриповска варијанта, а од задната страна е објаснувањето од ChatGPT зошто би гласал за мене. Така што, на овој начин, еве, се обидувам да станам повеќе видлив во јавноста, немајќи пристап до оние медиуми коишто тоа многу полесно го овозможуваат“,
вели тој.
Поради најавата за дожд Марковски мораше да го прифати нашето барање со автомобил да отидеме кај неговиот најголем адут – мостовите.
Тој е проектант на двата последно изградени моста на реката Вардар во Скопје – овој на улицата „Љубљанска“ и уште еден, „Михајло Апостолски“ во Аеродром. И двата сè уште чекат да бидат пуштени во употреба.
„Поради нерешена експропријација на имотот на едната страна од мостовите тие се уште не се пуштени во употреба. Тоа толку долго се влече и за жал нивната употребна вредност во моментот е никаква. Но, се надевам дека во следниот градоначалнички мандат тоа брзо ќе биде разрешено и мостовите конечно ќе профункционираат“,
објаснува професорот.
Мостовите се важни, вели Марковски, за сообраќајниот крвоток на градот кој се гуши во сообраќаен метеж. Го прашавме и за неговата визија за јавниот превоз.
Единствен кандидат сум во однос на сообраќајот на Скопје, кој преферира да се дестимулира сообраќајот, односно користењето на патничките возила. А тоа може да се постигне со намалување на јавните паркинг простори, со намалување на проточноста на улиците, односно особено големите булевари, што истовремено ќе придонесе и за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, ќе го намали загадувањето, но паралелно со тоа треба да се понуди квалитетно јавно, квалитетен јавен сообраќај, кој што ќе биде алтернатива за патничките возила.
360֯: А што значи квалитетен јавен превоз? Тоа значи предвидлив превоз.
Марковски: Прво на електричен погон, да не врши никакво загадување на воздухот, кој и онака ни е загаден, да биде предвидлив, точно да се знае распоредот на возниот ред и да биде на соодветно ниво, значи чисто, уредено, климатизирано и така натаму.
360֯: Каде би го сместиле во овој сообраќаен теснец?
Марковски: Не е лесно, секако, меѓутоа со добра организација на линиите, може да се искористат широките булевари како примарна сообраќајна линија за Скопје, а попречно на нив да се воведат помали автобуси или минибуси кои граѓаните од тие населби ќе ги носат до примарниот линиски сообраќај. Мислам дека на тој начин, заедно со воведување на електрични такси возила, исклучиво електрични такси возила, кои би користеле субвенционирана електрична енергија за полнење на своите батерии, ќе имаат прифатливи цени и на тој начин ќе ги релаксираат скопјани од задолжително користење на своите возила.
360֯: Освен сообраќајниот колапс, градот се почесто е и во комунален колапс, да речам. Што предвидувате во овој сегмент?
Марковски: Нема друго решение освен селекција на отпадот и тоа почнувајќи од нашите домови. И тука мораме да ја смениме навиката и тоа треба да биде на некој начин субвенционирано, да луѓето почувствуваат и финансиска полза од тоа, меѓутоа колку поселектиран отпад стигне до последната депонија, која и да е таа, толку полесно ќе се справиме со сметот. Не можеме во 21-виот век проблемот со сметот да го решаваме како во почетокот на 20-тиот век.
360֯: Но, колку и да селектираме дома, отпадот на крај ќе заврши во иста депонија, на едно купче.
Марковски: Не смееме да имаме иста депонија. Значи, мораме да направиме таканаречена нова Дрисла, современа Дрисла, која што ќе го прифати селектираниот отпад. Дел од него ќе го искористи за производство на енергија и сосема мал дел ќе биде вистински отпад кој ќе мора да се остави со тек на време да се уништи.
360֯: Дел од јавноста ви забележува на независните кандидати дека постоите само за да ги расцепкате гласовите на одредена политичка партија. Конкретна ќе бидам, за вас се вели дека се кандидирате за да го ослабнете СДСМ. Колку има вистина во ова?
Марковски: Па нема ни трунка вистина. Дури, како да ви кажам, ми делува малку и и смешно сето тоа. И препорачувам да не се троши енергија во истражување со кого сум поврзан. Не сум поврзан со никого. Поврзан сум само со градот и со желбата да помогнам со сето свое знаење и умеење, со она искуство што го имам стекнато во текот на мојата работа, секако и знаење и желба да помогнам на моите сограѓани, да тоа го, да тоа не доведе до еден поквалитетен живот. Жал ми е кога го гледам Скопје во каква ситуација доаѓа, дека е далеку од еден вистински град, за метропола да не зборувам.
360֯: Професоре, почна да врне. Каков симбол е за вас дождот?
Марковски: Па викаат дека е бериќет, така што ќе видиме на 19-ти дали тоа ќе важи и во овој случај.