При контролите во градинките и во училиштата биле уништени вкупно 83 килограми храна

Во 91 кујна во градинки и во 23 во училишта, минатиот месец, бил спроведен вонреден надзор за проверка на условите во кои се подготвува и служи храната.
Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство издале девет решенија со наредби за отстранување на утврдените неправилности.
При контролите било утврдено дека во две градинки, во кујните хигиената не била задоволителна, а во една градинка вработениот персонал во кујните немал направено задолжителен здравствен преглед.
За три градинки инспекторите изрекле парични казни затоа што било утврдено дека несоодветно се чувала храна. Од АХВ велат дека биле уништени 24 килограми храна.
При контролите на училиштата незадоволителни услови биле утврдени само во една кујна. Во две кујни биле утврдени отстапки во однос на добрата производствена и добрата хигиенска пракса.
Поради погрешно декларирање, од АХВ велат дека од училиштата биле уништени 59 килограми храна.
За утврдените недоследности во училишните кујни, инспекторите од АХВ изрекле една парична казна, а биле донесени пет решенија со наредба за нивно отстранување.