Вистината, според СДСМ, кој се повикува на информации во медиумите, е дека половина од раководството на владејачката партија води фирми во Бугарија и на тој начин ја финансираат партијата
Измислени приказни со кои ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го покрие срамот и лицемерието на партијата. Вака Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) му одговори на пратеникот на владејачката партија, Бране Петрушевски, кој денеска преку серија прашања сугерираше дека поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, му дал уесбе со прислушувани материјали на „поранешен премиер на Бугарија“ во замена за логистичка и финансиска поддршка.

Прозивајќи го Петрушевски, од Социјалдемократскиот сојуз велат дека „човекот кој граѓаните го паметат како борец против покачувањето на платите и непријател на работниците“, очајно се обидува преку лаги да ја скрие вистината за Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Вистината, според СДСМ, кој се повикува на информации во медиумите, е дека половина од раководството на владејачката партија води фирми во Бугарија и на тој начин ја финансираат партијата.
„Затоа Бране Петрушевски и Мицкоски се надеваат дека со своите измислени приказни ќе го покријат срамот и лицемерието на нивната партија.
Година и пол неспособните од ВМРО-ДПМНЕ ја замајуваат јавноста, со хибридни напади, со дестабилизации, со дронови и измислени афери кои и пропаднаа една по една. Причината е јасна, друго не знаат да сработат и да понудат“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Од Бихаќка им упатуваат и порака на Петрушевски и на ВМРО-ДПМНЕ дека се прочитани и дека граѓаните веќе не ги слушаат нивните лаги. Наместо решенија и проекти, ВМРО-ДПМНЕ понудил само црна кампања против опозицијата, што според социјалдемократите, е очајна стратегија на неуспешни и пропаднати политичари кои за година и пол докажале дека не заслужуваат да бидат на власт.
„СДСМ ќе продолжи да ја разоткрива оваа лажна и лицемерна власт и нема да влегува во калта во која тие се чувстуваат комотни. Ќе зборуваме за реалните проблеми на луѓето, за платите кои не ги качуваат, за партизацијата која брутално ја прават, за блокираните реформи во секоја сфера, за криминалот и корупцијата која ја јаде државата“,
порачуваат од СДСМ.
Откако викендот излезе со тврдења дека поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, добил „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упати нови обвинувања кон екслидерот на социјалдемократите, овојпат за тоа што тој му дал на „поранешниот премиер на Бугарија“.
Ваквите тврдења во името на владејачката партија повторно ги пренесе пратеникот, Бране Петрушевски, кој го повика актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, да каже „дали Зоран Заев му понудил стик со прислушувани материјали на поранешен бугарски премиер и шема за купување на две големи фирми, од кои едната телевизија“.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дополнително праша и дали ова бил „дарот кој Заев го дал во замена за поддршка од Бугарија за СДС сега и во иднина – логистичка, финансиска и во секоја смисла“.
Инаку, претходните тврдења на ВМРО-ДПМНЕ дека добил „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“, експремиерот и поранешен претседател на СДСМ, Зоран Заев, вчера во ретка објава на социјалните мрежи остро и категорично ги негираше, оценувајќи ги како лаги и клевети.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, досега неколку пати го прозва Филипче, обвинувајќи го дека работи по насоки на, како што го нарекуваат, неговиот ментор од Струмица и дека тоа е случај и со резолуцијата за црвените линии, а кои се однесува на позициите на земјава во однос на евроинтеграцискиот процес, а во контекст на односите и разговорите со Бугарија.