Според полицијата, обезбедувањето во судот не презело никакви мерки за физички претрес на осомничените, иако уредот за скенирање (детектор) сигнализирал присуство на метал кога тие влегле во судницата
Тиранската полиција уапси три лица во врска со убиството на судијата Астрит Калаја, кој беше смртно затрелан при вршење на својата службена должност за време на седница на Апелацискиот суд во Тирана, пренесуваат албанските медиуми.

Според полицијата, обезбедувањето во судот не презело никакви мерки за физички претрес на осомничените, иако уредот за скенирање (детектор) сигнализирал присуство на метал кога тие влегле во судницата.
Така, покрај Елвис Шкемби, кој пукаше во судницата и неговиот чичко Ѓон Шкемби, како соучесник, уапсен е и вработен во обезбедувањето во судот, кој не само што не ги исконтролирал, туку не ги евидентирал во соодветна книга, каде мора да бидат запишани сите што влегуваат и излегуваат од зградата на судот.
Во Апелацискиот суд во Тирана вчера за време на седница смртно беше застрелан судијата Астрит Калаја, во моментот кога почна да ја чита одлуката.
Веднаш е транспортиран на Клиниката за трауматологија во Тирана, но кусо потоа подлегна на здобиените повреди.
Полицијата соопшти дека осомничениот Е. Ш. (30) бил странка во судењето. Во инцидентот се повредени и татко и син – исто така странки во предметот, но тие се надвор од животна опасност.
Албанските медиуми објавија дека судскиот случај е поврзан со имотен спор и дека осомничениот пукал во судијата бидејќи знаел дека ќе го изгуби случајот на суд.
Судијата Калаја е познат по неговата коректност и правичност и е еден од судиите што го минаа процесот на проверка (ветинг).
Од македонското здружение на судии изразија жалење и сочувство за трагичниот настан, додавајќи дека овој чин е потсетник оти судиите мора да ја извршуваат својата работа слободно и без страв за личната безбедност.