Наградата носи паричен надоместок од 11 милиони шведски круни или еден милион долари
Нобеловата награда за физика годинава им припадна на тројца научници од Соединетите Американски Држави (САД) за нивните револуционерни откритија во областа на квантната механика, соопшти денеска Кралската шведска академија на науките, а пренесува Си-ен-ен.

Тројцата научници, Џон Кларк, Мишел Х. Деворе и Џон М. Мартинис ќе ја поделат наградата за откривање на макроскопско квантномеханичко тунелирање и квантизација на енергијата во електрично коло.
Овие научници – Британец, Французин и Американец – соработуваат со Универзитетот во Калифорнија. Деворе има и ангажман на Универзитетот „Јејл“. Но, тој и Мартинис работат во кампусот „Санта Барбара“ на Универзитетот во Калифорнија, додека Кларк е и дел од Универзитетот во Беркли.
Комитетот за доделување на Нобеловата награда за физика ги пофали лауреатите за спроведените експерименти со електрично коло во кое демонстрирале квантномеханичко тунелирање и квантизираните енергетски нивоа во систем доволно голем за да може да се држи во рака.
Кларк, одговарајќи на прашања на прес-конференција, рече дека бил изненаден кога дознал дека ја освоиле наградата.
„На никаков начин не сфативме дека ова може да биде основа за Нобелова награда“,
рече тој.
Во соопштението од Академијата при објавувањето на наградата е наведено дека квантната механика ѝ овозможува на честичката да помине директно низ бариера, во процес наречен тунелирање. Но, кога се вклучени поголем број честички, овие квантномеханички ефекти обично стануваат занемарливи. На пример, додека еден атом може да помине низ бариера, тениско топче, составено од огромна количина честички – не може.
Сепак, експериментите на овие истражувачи покажаа дека квантното тунелирање може да се набљудува и на макроскопско ниво.
BREAKING NEWS
— The Nobel Prize (@NobelPrize) October 7, 2025
The Royal Swedish Academy of Sciences has decided to award the 2025 #NobelPrize in Physics to John Clarke, Michel H. Devoret and John M. Martinis “for the discovery of macroscopic quantum mechanical tunnelling and energy quantisation in an electric circuit.” pic.twitter.com/XkDUKWbHpz
Минатата година, наградата им беше доделена на Џефри Хинтон – честопати нарекуван „кум на вештачката интелигенција“ и на Џон Хопфилд, за нивните фундаментални откритија во машинското учење, што го отвори патот за тоа како денес се користи вештачката интелигенција.
Во 2023 година, наградата им припадна на тројца европски научници кои користеа ласери за да го разберат брзото движење на електроните, за кои претходно се сметаше дека е невозможно да се следат.
Наградата носи паричен надоместок од 11 милиони шведски круни или еден милион долари.