Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, дополнително праша и дали ова бил „дарот кој Заев го дал во замена за поддршка од Бугарија за СДС – логистичка, финансиска и во секоја смисла“
Откако викендот излезе со тврдења дека поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, добил „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упати нови обвинувања кон екслидерот на социјалдемократите, овојпат за тоа што тој му дал на „поранешниот премиер на Бугарија“.
Ваквите тврдења во името на владејачката партија повторно ги пренесе пратеникот во Собранието, Бране Петрушевски, кој го повика актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, да каже „дали Зоран Заев му понудил стик со прислушувани материјали на поранешен бугарски премиер и шема за купување на две големи фирми, од кои едната телевизија“.

„Венко Филипче да не молчи и да одговори што содржел стикот со прислушкувани материјали кои неговиот ментор Зоран Заев го дал на поранешен премиер на Бугарија, која сега ја злоупотребува својата положба во ЕУ и нè блокира.
Венко Филипче и СДС да кажат дали и зошто Зоран Заев понудил шема за купување две големи фирми во Македонија од страна на фирми од Бугарија блиски до тој поранешен премиер? И дали една од тие фирми е една голема телевизија, преку која требало да се врши бугарска пропаганда во Македонија?“,
рече Петрушевски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дополнително праша и дали ова бил „дарот кој Заев го дал во замена за поддршка од Бугарија за СДС сега и во иднина – логистичка, финансиска и во секоја смисла“.
Петрушевски, формулирајќи ја во форма на прашање, наведе уште една сугестија – дека „тој поранешен премиер на Бугарија со кој Заев е во контакт стои зад кампањата на СДСМ за локалните избори.
Осврнувајќи се повторно на предлог-резолуцијата со „црвените линии“ на СДСМ, Петрушевски повторно го обвини актуелниот лидер на социјалдемократите Венко Филипче дека е алатка во планот на Заев и дека неговата резолуција е, како што кажа, само продолжеток на планот на екслидерот на СДСМ „за потчинување на државата во однос на Бугарија“.
„И Венко Филипче и Зоран Заев се фатени на дело. Сè е јавно и јасно. Планот нема да им успее, народот ќе го казни на избори“,
рече Петрушевски.
Поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, вчера во ретка објава на социјалните мрежи остро и категорично ги негираше тврдењата на актуелниот премиер Христијан Мицкоски за наводните „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“, оценувајќи ги како лаги и клевети.
Одговарајќи на реакцијата на Заев, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, вчера на прес-конференција кажа дека појавувањето на екслидерот на СДСМ во јавност по подолго време е, како што кажа, доказ кој ги влече конците во оваа партија.
Инаку, за потсетување, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во саботата во дел од своите обраќања на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на кампањата за локалните избори, говорејќи за резолуцијата со црвените линии што ја предложи актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека се сеќава на времето кога „поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица“.
Следниот ден, односно во неделата, предлог-резолуцијата на СДСМ беше тема и на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на која тој, исто така, ги изнесе тврдењата дека поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, „своевремено земал куферче од Бојко“. Во таа насока, тој упати прашање до актуелниот претседател на опозициската партија „што зема сега Филипче за да ги продава националните интереси?“.
Досега од ВМРО-ДПМНЕ неколку пати тврдат дека Филипче работи по насоките на, како што го нарекуваат, неговиот ментор од Струмица и дека тоа е случај и со резолуцијата за црвените линии, а се однесува на позициите на земјава во однос на евроинтеграцискиот процес на земјава, а во контекст на односите и разговорите со Бугарија.

На тврдењата на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ вчера одговарајќи на новинарско прашање се осврна актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека премиерот и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период се служат со спинови и лаги, па споменуваат куфери со пари, разни предавства и поделба на граѓани, во обид да ја сокријат неспособноста да испорачаат вистински резултати за народот.
„Немаат што да прикажат, немаат сериозен проект и се вадат и како алиби го кажуваат тоа дека за некои работи се потребни децении. Соочени се со тоа што ние го кажуваме, што сè сме направиле во нашиот мандат за само година или две“,
кажа Филипче.