Истражувањето за најбезбедните земји во светот во време на пандемија од ковид-19 не е спроведено од „Форбс“, туку тие го имаат само реобјавено односно цитирано истражувањето направено од „Deep Knowledge group“. Она што е интересно околу ова истражување е дека во некои земји се водат дебати за неговата релевантност.
Новинарката Катерина Блажевска во колумна за Дојче веле пишува дека никој досега во земјава не седна сериозно да го анализира ова истражување, но ако тоа некој го направеше ќе посведочеше на фактот дека е само пренесено од „Форбс“, и тоа може да го направи секој медиум, организација или слично. Дури во текстот на „Форбс“ под графиконите стои наведен изворот на „Deep Knowledge group“.
„За разлика од нељубопитните Македонци, и од македонските здравствени власти кои одговараат на разни критики за ‘рангирањето од Форбс’, во други земји ова истражување е ставено под сериозна лупа. Бугарскиот весник ’24 часа’ нотира дека станува збор за организација непозната во светските научни кругови и дека нивната веб-страница dkv.global изобилува со огромен број убави графикони кои создаваат впечаток на експертност. Притоа прави една логична споредба: „Интересно е што од класификацијата произлегува дека Шпанија, која до 8 јуни има 241 550 случаи на заболени од корона вирусот, (шеста во светот и втора во Европа по најмногу заразени) подобро се справува од Бугарија“,
пишува Блажевска.
Со тие бројки и состојби Шпанија е на 45. место, а Бугарија со вкупно 2 810 случаи на заболени до денеска (во време на истражувањето бројката била и многу помала), е рангирана на 48. место.
„Според јавно достапни податоци, ‘Deep Knowledge group’ (ДКГ) е сопственост на инвестициска компанија ‘Deep Knowledge Ventures’, основана во 2014 година во Хонгконг, во сопственост на рускиот бизнисмен Дмитриј Камински, а со деловни интереси во истражувања на болести, стареењето и регенеративната медицина“,
додава Блажевска.
Таа пишува дека рангирањето е објавено уште во април, па сега не е јасно зошто истражувањето добило гласност на Балканот во јуни.
„Весникот ’24 часа’ потсетува дека уште во април весникот ‘Times of Israel’ објавил анализа со многубројни сомнежи за рангирањето и за ‘чудната сага со интересно потекло’. Дел од тие сомнежи произлегуваат од фактот што на веб-страницата нa истражувачката организација ДКГ не е објаснета користената методологија, а е наведено дека податоците се собрани од јавно достапни извори, Светската здравствена организација, неколку универзитети, и дека не презема одговорност за точноста на табелата“,
пишува Блажевска.