Тој нагласи дека секое изнесување детали во моментов може да биде извадено од контекст и да му наштети на процесот

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска изјави дека кај премиерот и Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност по завршувањето на локалните избори да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија.
На заедничката прес-конференција со неговиот фински колега Јоаким Странд, Муртезани потврди дека веќе постојат конкретни размислувања како тоа да се направи, но одби да открие повеќе детали. Смета дека сето тоа може да се извади од контекст бидејќи во моментов тече кампањата за локалните избори.
Одговорот на Муртезани доаѓа како коментар на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека по Нова година ќе има придвижување во процесите со Софија, но и за тоа што точно се планира да се преземе.
„Претседателот на Владата во неколку наврати јавно изјави дека со почетокот на Новата година се очекува да има конкретни чекори во надминување на спорот со соседна Бугарија. Тоа што можам сега да кажам е дека има размислувања за тоа какви чекори треба да се преземат, но целиот фокус сега е на изборната кампања и не може да се очекува тие размислувања да добијат форми на конкретни предлози“,
истакна Муртезани.
Тој нагласи дека секое изнесување детали во моментов може да биде извадено од контекст и да му наштети на процесот.
За време на средбата со финскиот министер, Муртезани информирал за напредокот во врска со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Тој нагласи дека Планот е стратегиски инструмент кој ја приближува економијата и институциите на земјата до ЕУ уште пред полноправното членство.
„Со усвојувањето на Реформската агенда, ние како влада се обврзавме на темелни реформи во владеењето на правото, ефикасноста на јавната администрација, дигитализацијата и енергетската отпорност. Тоа не се апстрактни поими, туку конкретни чекори, кои ќе донесат подобар квалитет на животот на граѓаните“,
рече Муртезани
Тој изрази благодарност до Финска за принципиелната и доследна поддршка и ја нагласи важноста на финските искуства во области како дигиталната трансформација, медиумите и иновациите.
Според Муртезани, на разговорите било констатирано дека процесот на проширување е повеќе од техничка постапка и дека процесот на проширување е стратегиска инвестиција во стабилноста и економскиот раст на целиот регион.