Поради тоа, за утре повторно се најавува протест на вработените од „Флораком“ и „Луна“ кој ќе биде од 10 до 12 часот на булеварот „Илинден“, кај поранешниот објект на Матичната служба

Вработените во „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми ќерки на „Паркови и зеленило“, за утре најавуваат дека ќе го продолжат протестот што веќе трет ден трае бидејќи и денеска не им е исплатена августовската плата.
Тие денеска заедно со вработените во „Паркови и зеленило“ излегоа на двочасовен протест кога блокираа дел од булеварот „Илинден“ и мостот „Гоце Делчев“.
По завршување на протестот, на вработените од „Паркови и зеленило“ им била исплатена платата за август, но не и на нивните колеги од фирмите ќерки.
Поради тоа, за утре повторно се најавува протест на вработените од „Флораком“ и „Луна“ кој ќе биде од 10 до 12 часот на булеварот „Илинден“, кај поранешниот објект на Матичната служба.
Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски, во изјава за МИА потсетува на Законот за јавни претпријатија, во кој, како што рече, има еден член кој вели дека и други јавни претпријатија можат да се приклучат на штрајк на солидарност.
Ги повика вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ утре да им се придружат на вработените во „Флораком“ и „Луна“ и заедно да ги поддржат во нивните барања за исплата на августовската плата, која треба да се исплати до 15 септември.
Кашиковски информира дека како синдикат заедно со стручниот тим во ЈП „Паркови и зеленило“ иницирале да се изнајде нов модел за финансирање на претпријатието, по искуствата од соседните земји.
„Факт е дека со овој начин на финансирање на ’Паркови и зеленило’ не можат да се исплатат плати, додатоци на плати, за основно функционирање на претпријатието. Тоа планираме да го изработиме како документ во наредните две недели. Со оглед на тоа дека има локални избори на 19 октомври, планираме нашите предлози на 15 или 16 октомври да ги изнесеме во јавност и да побараме од идниот градоначалник, без разлика кој ќе биде, да го земе тоа предвид како начин за финансирање на ова претпријатие и на фирмите ’Флораком’ и ’Луна’“,
рече Кашиковски.
Од Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“, пак, денеска преку соопштение најавуваат дека на 2 и 3 октомври во период од 9:30 до 11 часот ќе биде блокиран сообраќајот од семафирите на крстосницата на булевар „Илинден“ со улицата „Никола Тесла“. Протестот, како што велат, ќе заврши пред дирекцијата на ЈП „Паркови и зеленило“.
Барањата што ги наведуваат се исплата на плата за август за вработените во „Флораком“ и „Луна“, исплата на к-15, јубилејна награда, новогодишен додаток и отпремнина за работниците со престанат работен однос.