Татјана Димитровска во април годинава стана дел од проширената истрага за случајот „Адитив“, а во јули ОЈО ГОКК соопшти дека таа е обвинета и за уште едно кривично дело, добивање сертификат за положен испит. Димитровска кон крајот на јули годинава поднесе оставка од функцијата

Во основниот кривичен суд Скопје денеска почна судењето против поранешната претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според обвинението, на Димитровска ѝ се става на товар оддавање службена тајна на ексдиректорот на ТЕЦ „Неготино“ и обвинет во случајот „Адитив“, Небојша Стојановиќ, како и за тоа дека се здобила со безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации откако друг го положил испитот во нејзино име.
Според одбраната на Димитровска, адвокат Владимир Туфегчиќ, тестот не бил клучен елемент за добивање на сертификат државна тајна, туку проверките на АНБ и дека за таа цел предложиле да сведочат претставници на АНБ и од ДКСК.
„Очекувам ослободителна пресуда за Татјана Димитровска, тоа е сè што можам да кажам во овој момент бидејќи во меѓувреме доставивме докази, кои целосно го дискредитираат обвинението против неа. Тоа се докази од Антикорупциска, извештај од 30 јули 2025 година, со кој се потврдува тезата на одбраната дека не е остварено законско битие на кривичното дело одавање службена тајна“,
рече Туфегџиќ во изјава за медиумите по денешното рочиште.
Обвинителка од ОЈО ГОКК, Наташа Поп Трајкова, изјави дека од телефонот на Татјана Димитровска се екстрахирани околу 250 илјади записи и дека при крај е и нивната анализа.
Татјана Димитровска во април годинава стана дел од проширената истрага за случајот „Адитив“, а во јули ОЈО-ГОКК соопшти дека таа е обвинета и за уште едно кривично дело, добивање сертификат за положен испит. Димитровска кон крајот на јули годинава поднесе оставка од функцијата.