Според директорот на Управата за извршување санкции, во дел од затворите има персонал, но има и казнено-поправни установи каде само еден човек е задолжен за ресоцијализација на неколку стотини затвореници. Како пример тој го посочи најголемиот затвор во државата, „Идризово“ во Скопје, каде по изборите најави вработување на десет нови лица во делот на ресоцијализацијата
Две третини од лицата кои издржуваат затворски казни во македонските казнено-поправни установи се рецидивисти, односно повратници, изјави денеска в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.

Овој податок Пандов го сподели одговарајќи на новинарско прашање во врска со стапката на ресоцијализација на затворениците во земјава, за која рече дека е многу мала, притоа посочувајќи дека кадарот што во моментов работи на оваа проблематика во затворите е обучен и подготвен, но за жал, како што додаде, е многу мал.
Одговарајќи на прашањето, Пандов рече дека ги нема податоците за 2024 година, но оние од претходната 2023 г. покажуваат дека околу 68 проценти од затворениците во Македонија биле повратници.
„Тоа значи дека ние имаме никаква или многу мала стапка на ресоцијализација“,
изјави Пандов во изјава за медиумите пред почетокот на јавната расправа за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување санкции.
Според директорот на Управата за извршување санкции, во дел од затворите има персонал, но има и казнено-поправни установи каде само еден човек е задолжен за ресоцијализација на неколку стотини затвореници.
Пандов како пример го посочи најголемиот затвор во државата, „Идризово“ во Скопје.
„Има стандарди, тоа треба да бидат 30 до 50. Има затвори каде што е тој соодносот, меѓутоа во Идризово не е“,
рече тој.
Говорејќи на темата, тој рече дека огласот за вработување потребен кадар е прекинат, но најави дека по локалните избори ќе има вработување на десет нови луѓе во „Идризово“ во делот на ресоцијализација.

Според Пандов, тоа е само еден дел од мерките што треба да се преземат за да се зголеми ресоцијализацијата. Друг дел, за кој, како што рече тој, веќе се прават напори и чекори со директорите на затворите е заживување на затворските економии.
Во таа насока, Пандов рече дека како затворски систем имаат огромна работна сила, која не се користи.
„Кога би се смениле тие прилики, а тоа низ пракса е веќе видено во други држави, дека не така мал дел од економските потреби, затворите ги обезбедуваат од сами себе, од сопствените економии“,
изјави Пандов.
Сепак, состојбите не можат да се сменат преку ноќ и на оваа проблематика ќе се работи во следните години.