Израел ќе запре со олабавување на мерките против пандемијата на коронавирусот, по наглиот раст на нови случаи на заразени, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Имаше многу остар раст на бројот на новозаразени, така што одлучивме да престанеме со олеснувањата на мерките што ги планиравме за наредните неколку дена“,
рече Нетанјаху, додавајќи дека повторно ќе бидат воведени ограничувања за да се запре трендот.
Тој предупреди дека Израел може да се соочи со двојно повеќе нови инфекции во наредните десет дена и ги повика граѓаните да одржуваат физичка дистанца, да носат заштитни маски и да одржуваат лична хигиена.
Нетанјаху не прецизираше кои мерки требале да бидат олабавени, но израелските медиуми објавија дека требало да се обноват железничките врски, а се очекуваше да се отворат и театрите и кината.
Израел досега пријави 17.863 заразени со коронавирус и 298 смртни случаи.