„Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите“, информираа од МВР по спроведената контрола во СВР Велес
Против 11 вработени во Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес ќе биде покрената дисциплинска постапка поради тоа што не постапиле целосно и согласно процедурите по дел од пријавите што до велешката полиција ги поднесувала Росица Коцева, која на средината на месецов беше убиена од страна на својот поранешен партнер.

Ова денеска го соопштија од Министерството за внатрешни работи, од каде што информираат дека по насока на министерот Панче Тошковски, внатрешната контрола при МВР извршила детални проверки во врска со постапувањето на СВР Велес во врска со сите настани кои ги пријавила жртвата.
„Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите. Поднесен е предлог за поведување на дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување“,
информираа денеска од МВР.
Изминатите денови во јавноста се споделуваат наводни СМС-пораки што убиената Росица му ги праќала на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски неколку месеци пред трагичниот настан, барајќи помош. Тој, пак, категорично ги демантира таквите наводи, велејќи дека содржината на пораката не е веродостојна.
Велешанката Росица Коцева и нејзиниот татко на 15 септември беа убиени во семејната куќа во Велес од страна на поранешниот партнер на девојката, кој потоа се самоуби. Пред настанот, таа повеќепати го пријавувала во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки од страна на Обвинителството.