Откако премиерот им се извини на граѓаните за поддршката на актуелната градоначалничка на минатите локални избори, скопската градоначалничка рече дека им се извинува на граѓаните што мислела дека тој е чесен, интелектуалец и професор
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во објава на Фејсбук остро го осуди премиерот Христијан Мицкоски за состојбата во главниот град откако тој рече дека чувствува одговорност што на минатите локални избори ја поддржал актуелната скопска градоначалничка.

Арсовска му порача дека ако сакал да постои одговорност, тогаш оставка требало да поднесат советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје бидејќи во изминатите четири години го блокирале и го урнисале градот.
„Мицкоски несреќо, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на совет на Град Скопје и твоите советници четири години го блокираа и урнисаа градот – не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето, не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета. Ни за вработување на нови пожарникари, ни за нови противпожарни возила им кажа да не гласаат!“,
пишува Арсовска во објавата на Фејсбук.
Откако Мицкоски им се извини на граѓаните за поддршката на актуелната градоначалничка на минатите локални избори, Арсовска рече дека им се извинува на граѓаните што мислела дека тој е чесен, интелектуалец и професор, не знаејќи, како што рече, што е навистина.
„И за крај, ти и твојата администрација имате одговорност затоа што над 60 деца без вина ви настрадаа во Кочани и ништо не преземате, ви изгоре пола држава за да си прави некој простор за фотоволтаици, ви изгоре отпад во Трубарево, екокатастрофа пред очите на сите твои институции кои не реагираат, убиства ви се случуваат пред очи секој ден, убиваат жени кои тебе и твојот министер Тошковски во очај ве молеле за помош. А одговорност за над 150 небезбедни нелегални висококатници кои секој момент може да се срушат во Чаир ќе има ли?“,
додаде Арсовска.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски им се извини на граѓаните и рече дека чувствува одговорност што на минатите локални избори ја поддржал актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска.