Во изјава за „Слободен печат“, обвинителката тврди дека никогаш не зела повисока плата од редовната, дека платата не ѝ ја одредува државниот обвинител со Правилник и дека е единствениот обвинител кој работи од сопствената држава

Обвинителката на скопското јавно обвинителство и ексчлен на тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), Ленче Ристоска, го демантира премиерот Христијан Мицкоски, дека како јавен обвинител за врски со Европравда зема многу висока плата.
Во изјава за „Слободен печат“, обвинителката тврди дека никогаш не зела повисока плата од редовната, дека платата не ѝ ја одредува државниот обвинител со Правилник и дека е единствениот обвинител кој работи од сопствената држава.
За потсетување, премиерот Мицкоски во петокот на брифинг со новинарите за Реформската агенда која го вклучува и правосудството, меѓу другото, кажа и дека премногу пари се трошат и на нашиот претставник во Европравда (Eurojust), за што намерата им е да го сведат на статус на дипломат на ниво на трет претставник во нашата ЕУ-мисија во Брисел, со што би се намалила платата.
„Сакам да ги демантирам невистинитите наводи на премиерот изнесени на брифинг со новинари дека цитирам ‘праксата покажала два до три пати поголеми примања за нашиот претставник во Евроџаст’. Јас како единствен обвинител за врски кој државата го имала во Европравда, никогаш немам примено поголеми примања надвор од мојата редовна плата како обвинител во ОЈО Скопје, а камоли два до три пати. Исто така неточно е и дека платата на обвинителот за врски ја одредува државниот јавен обвинител со Правилник. Законот е дециден дека платата на јавните обвинители се уредува исклучиво со закон. Постојното законско решение нема одредби за утврдување на плата на обвинител упатен на работа во странство, а измените на овој закон никако да се случат, поради што јас сум единствениот обвинител за врски во Европравда кој работи од сопствената држава. Сите други држави кои се дел од Европравда имаат назначено свои претставници кои работат во седиштето на Европравда во Хаг“,
изјави Ристовска за „Слободен печат“.
Покрај ова, премиерот е и против зголемување на платите во правосудството, иако реформите подразбираат и зголемувањето на буџетот за судство и за Обвинителството. Според проценките на Мицкоски тоа би значело вкупен издаток од 100 милиони долари годишно – двојно повеќе од постоечкиот.
Ова е пречка, оти реформите подразбираат поголеми плати и за судиите и обвинителите, а власта смета дека тие не ги заслужуваат ниту постоечките примања. Затоа ќе се направи компаративна анализа со пет земји членки на ЕУ за да се види колку пари другите земји издвојуваат за оваа намена.
„Ние како Влада не се согласуваме да има зголемувања на платите на оние кои уживаат 2% рејтинг, затоа што не ги заработуваат и тие плати што сега ги земаат. Ако ставиме процент за зголемени плати, треба барем да знаеме за што ги плаќаме. Лично и тие што ги земаат мислам дека се многу, јас лично би ги намалил“,
неколкупати посочи премиерот на брифингот.