Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, смета дека признавањето на независноста на Палестина од страна на западните земји е чекор кон праведен и траен мир

Неколку земји планираат формално да ја признаат палестинската држава за време на денешната Конференција на ОН во Њујорк, што се организира пред годишниот собир на светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации, пишува ДПА.
Најавите за признавање на палестинската држава на Генералното собрание на ОН, францускиот претседател Емануел Макрон ги објави во јули годинава. Одлуката, рече тој, е дел од сеопфатен мировен план насочен кон промовирање решение за две држави.
Министерот за надворешни работи на Белгија, Максим Прево, објави на почетокот на месецов дека земјата ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН. Овој потег беше направен како одговор на хуманитарната криза во Газа и е дел од координиран меѓународен напор со други нации.
Покрај Франција и Белгија, и Нов Зеланд објави планови за признавање на Палестина и покрај жестокото противење на Израел.
На конференцијата копретседатели се Франција и Саудиска Арабија, но саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман не присуствува, за разлика од францускиот претседател Емануел Макрон.
Обединетото Кралство, Канада и Австралија формално го прогласија признавањето на палестинската државност во одделни, но координирани изјави. Овој потег ги означува првите членки на напредните економии на Г7 што го преземаат овој чекор, пишува „Гардијан“.
Вчера и Португалија го објави својот потег за признавање на Палестина. Пауло Рангел, министерот за надворешни работи на земјата, рече дека признавањето на државата Палестина е реализација на фундаментална, постојана и е во линија со португалската надворешна политика.
„Португалија се залага за решението со две држави како единствен пат кон праведен и траен мир… прекинот на огнот е итен“,
рече Рангел.
Тој додаде дека Хамас „не може да има никаква форма на контрола во Газа или надвор од неа“ и побара ослободување на сите заложници.
„Канада ја признава државата Палестина и нуди наше партнерство во градењето на ветувањето за мирна иднина“,
напиша канадскиот премиер Марк Карни на социјалната мрежа Икс.
Today, Canada recognises the State of Palestine. pic.twitter.com/zhumVJRBfe
— Mark Carney (@MarkJCarney) September 21, 2025
Австралискиот премиер Ентони Албанезе рече дека потегот на Канбера „ги признава легитимните и долгогодишни аспирации на народот на Палестина за сопствена држава“.
„Со оглед на растечките ужаси на Блискиот Исток, дејствуваме за да ја одржиме можноста за мир и решение за две држави. Тоа значи безбеден и сигурен Израел, заедно со одржлива палестинска држава. Во моментов го немаме ниту едното ниту другото“,
рече британскиот премиер Кир Стармер.
Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, смета дека признавањето на независноста на Палестина од страна на западните земји е чекор кон праведен и траен мир, соопшти неговиот кабинет.
„Претседателот на Палестинската држава, Махмуд Абас, го поздравува соопштението за признавање на независна палестинска држава од страна на Обединетото Кралство, потврдувајќи дека ова е важен и неопходен чекор кон постигнување праведен и траен мир“,
се вели во првото соопштение на претседателството, по што Абас го поздрави признавањето и од Канада и Австралија.
Во пишаната изјава тој наведува дека „признавањето на правото на палестинскиот народ на самоопределување, слобода и независност ќе го отвори патот за спроведување на решението со две држави и ќе ѝ овозможи на палестинската држава да живее рамо до рамо со Државата Израел во безбедност, мир и добро разбирање“.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас на конференцијата ќе учествува преку видеоврска.