„Глумите партија што се бори за Албанците, а во две децении власт не понудивте ниту еден сериозен проект за албанската заедница. Официјалните податоци покажуваат колку стотици Албанци се иселија токму во вашиот период“, рече премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски од денешниот партиски промотивен настан за кандидатот за градоначалник на Град Скопје од неговата партија упати порака до опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) да престанат да го лажат сопственото гласачко тело дека ќе прават коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека кај него се важни принципите, а не комбинациите.

„Во последно време се зборува за предвремени избори. Анкетите покажуваат дека доколку тие се одржат, ВМРО-ДПМНЕ сигурно би имало над 62-62 пратеници, односно стабилно мнозинство со силна реформска агенда. Но, да не се лажеме, предвремени избори значат и изгубено драгоцено време“,
кажа тој.
Потоа, се осврна кон тоа дека ДУИ ја експлоатира оваа тема, со цел да собира клиентелистички гласови, лажејќи ги своите гласачи дека ќе прават коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
„Им порачувам, кај мене како претседател на Владата, а пред сè, како човек, важни се принципите, а не комбинациите. Не интриги, не политикантство. Престанете да го лажете сопственото гласачко тело. Тоа е нечесно и некоректно кон луѓето што со години ги манипулирате. Како владејачка коалиција убедливо ќе ве поразиме на следните локални избори“,
рече Мицкоски.
Според него, очигледно е дека ДУИ не сака реформи и останува во истата матрица со Социјалдмократскиот сојуз (СДСМ).
„Тоа е трагедија за државата. Глумите партија што се бори за Албанците, а во две децении власт не понудивте ниту еден сериозен проект за албанската заедница. Официјалните податоци покажуваат колку стотици Албанци се иселија токму во вашиот период. На мајките што си ги испратија децата во странство кажете им што добија од вашето владеење“,
вели премиерот.
Подочи дека ДУИ и СДСМ не само што ја уништија институционалната стабилност и ја доведоа државата до раб на банкрот, туку создадоа инфлација на апатија, на разочарување и бегање од државата.
„Додека граѓаните осиромашуваа, вие се богатевте бесрамно на нивниот грб. Вашите повици за камбек преку предвремени избори се само доказ за очи“,
кажа тој.
И на вчерашниот брифинг со новинарите што го одржа заедно со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, премиерот кажа дека нема потреба од предвремени парламентарни избори, иако според него, тоа на ВМРО-ДПМНЕ најмногу би ѝ одговарало, но во поглед на државниот интерес би значело ново одложување на започнатите проекти.
Според него, не би било чесно да се прекине мандатот, како и дека Владата е и силна и кохерентна.
Од ДУИ во мај годинава оценија оти Владата целосно го загубила легитимитетот за остварување на политичка платформа со јасна европска перспектива и повикаа на одржување предвремени парламентарни избори.