Во истрагата се вклучени 15 лица, меѓу кои директор на подружница на Јавното претпријатие „Национални шуми“, началник на делчевската полиција и повеќемина полициски службеници, осомничени за злосторничко здружување и пустошење шуми. Од нив, шестмина освен за злосторничко здружување се товарат и за злоупотреба на службената положба и овластување, додека првоосомничениот се гони и за кривичното дело давање поткуп, а друг осомничен за примање поткуп
Скопскиот Основен кривичен суд им одреди 30-дневен притвор на 12 лица осомничени за злосторничко здружување и пустошење шуми. За други три повозрасни лица, од кои две жени, пак, е определен куќен притвор.

Ова следи по спроведената акција во Малешевскиот Регион, односно во Делчево, Берово и Пехчево, а во која од слобода се лишени 15 лица, а при претресите се пронајдени и одземени околу 185 000 евра, 318 000 денари, повеќе телефонски апарати, документација, две ловечки пушки и воздушна пушка, 75 куршуми со калибар од 12 милиметри и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делата.
Поведена е истрага против 15 лица, меѓу кои директор на подружница на Јавното претпријатие „Национални шуми“, началник на делчевската полиција и повеќемина полициски службеници, осомничени за злосторничко здружување и пустошење шуми.
Од нив, шестмина освен за злосторничко здружување се товарат и за злоупотреба на службената положба и овластување, додека првоосомничениот се гони и за кривичното дело давање поткуп, а друг осомничен за примање поткуп.
Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството информираа дека криминалната група била формирана во текот на 2025 година од двајца вработени во правно лице, кое исто така е опфатено во постапката, и полициски службеник. Целта била незаконски да стигнат до имотна корист преку злоупотреба на службената положба и овластувања, давање и примање поткуп, како и пустошење на шумите.
„Придружени од други осомничени, кои се вработени во различни институции (Министерството за внатрешни работи, ЈП ‘Национални шуми’ подружница Малешево, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и невработени лица), тие реализирале нелегални активности кои довеле до опустошување на шума во површина од 6 000 хектари, сопственост на ЈП ‘Национални шуми’ ПСШ Малешево“,
велат од Обвинителството.
Како резултат на нивните дејствија, според Обвинителството, била исечена дрвна маса во количина од 1,5 милиони кубни метри, со вредност од 6,4 милијарди денари или околу 104 милиони евра.
Организаторите на групата нелегално исечената дрвна маса, потоа ја транспортирале и ја продавале како легално исечени дрва.
Групата, како што наведуваат истражните органи, имала поддршка од полициски службеници кои не преземале никакви мерки и дополнително ги информирале организаторите за полициските патроли, со што им овозможиле непречено да го вршат криминалот.
„Осомничениот директор на ЈП ‘Национални шуми’ – ПО Малешево ја одобрувал нелегалната сеча, а началникот на ОВР Делчево ги прикривал сторителите и средствата што биле користени за извршување на кривичното дело“,
пишува во соопштеението од Обвинителството.
Првоосомничениот во август и септември годинава му дал мито, односно паричен подарок на директорот на Јавното претпријатие „Национални шуми“ во износ од 6 100 евра за да му овозможи нелегална сеча на дрвна маса, пред да биде објавен јавен повик за сеча на опожарена дрвна маса.
Во текот на завчерашниот ден, информираат од Обвинителството, со цел да не биде откриено кривичното дело и сторителите, осомничениот началник известил припадник на групата дека полицијата ќе постапува, по што осомничениот припадник го информирал организаторот кој понатаму со цел прикривање на трагите и предметите ги известил лицата кои што вршеле нелегална сеча во атарот на село Двориште да го „чистат“ теренот, по што и самиот се упатил на местото каде што бил пресретнат и фатен од полициските екипи кои биле дел од акцијата.