Епидемиолозите во Грција се загрижени по сликите со преполни кафулиња, барови на плажа, но и ноќни клубови во текот на викендот и предупредуваат дека најголемиот проблем со ковид-19 се токму ваквите собирања и метежите каде што најлесно се пренесува вирусот.
„Сакам да потсетам дека пред да се појават сите големи епидемии во Италија, во Англија, во Шпанија, претходеа метежи на трговски саеми, на стадиони, на масовни протести и така натаму. Метежите се ‘маслото во огнот’ на пандемијата. По ова што сега се случува на Миконос и на други места каде што има метежи, да бидете сигурни дека за една до две седмици, ако не се преземат мерки, ќе се врати епидемијата. Еден човек од оваа толпа е доволен за да се заразат 100 или 200 други“,
изјави за грчката телевизија Скај професорот епидемиолог Никос Сипсас, кој е член на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, пренесе МИА од Атина
Професорот за заразни болести и патологија Хараламбос Гогос, за телевизијата Антена истакнува дека на сите треба да им биде јасно дека ова лето е поразлично и како решение споменува сопствениците, наместо за 1 000 лица, да дозволат влез за 200 посетители.
Тој додаде дека е многу веројатно со отворањето на границите, на туристичките места да се појават и „увезени“ случаи на ковид-19.

Епидемиолозите, но и власта во Грција, не ја исклучуваат можноста доколку биде потребно да се воведе и локален карантин во место каде што во текот на летото би се појавил сомнителен случај.
Портпаролот на грчката Влада истакна дека коронавирусот е сѐ уште присутен, дека е потребна претпазливост и објасни дека ако е потребно дури и цел остров може да се стави во карантин.

Според објавените фотографии и видеа како од медиумите, така и на социјалните мрежи, Грците се чини дека не се вратија во „новата нормалност“, туку продолжија онаму каде што запреа пред појавувањето на новиот коронавирус.
