Србија „преку ноќ“ заведе како излекувани нешто повеќе од 4 000 заразени, а црногорските лекари сега бараат објаснување, бидејќи од тоа ќе зависи и отворањето на нивната граница за Србите.
На интернет-страницата „Ковид19.рс“ во петокот бројот на излекувани изнесуваше 6 931, а во саботата тој број се искачи на 11 056. Ваквиот скок српските здравствени власти го објаснија со рекласифицирање на позитивните случаи. Наместо досега потребните два, тие заведоа нешто повеќе од 4 000 пациенти како излекувани откако имале само еден негативен текст, а поминале повеќе од 28 дена.
Црногорскиот институт за јавно здравје, пак, побара објаснување од српските колеги. Според порталот „Антена М“, оваа информација предизвикала неверување во Црна Гора бидејќи претходно за два месеца биле излекувани околу 6 000 заразени лица. Објаснувањето се бара бидејќи од бројките зависи и отворањето на црногорската граница со Србија.
Според податоците објавени на „Ковид19.рс“, во Србија во моментов има 475 активни случаи, а бројот на излекувани изнесува 11 348. Бројот на смртни случаи досега е 249.
