Според Обвинителството, струшкиот градоначалник ја злоупотребил службената положба и овластување и склучил незаконски договор со фирма од Мислодежда за осветлување на речното корито на Црн Дрим, со што го оштетил буџетот на Општината за околу 110 000 евра
Струшкото Основно јавно обвинителство денеска поднело обвинителен предлог против актуелниот градоначалник Рамиз Мерко, а во врска со договор што го склучил за осветлување на дел од речното корито на Црн Дрим.

Иако во соопштението Јавното обвинителството не е наведено името на обвинетиот, сепак во него јасно стои дека станува збор за службено лице – градоначалник на Општина Струга, а делото за кое се товари го сторил во периодот од 1 април 2021 до 27 јуни 2022 година, период во кој Мерко раководи со општината.
Инаку, како што информираа од Обвинителството, се товари за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 и Кривичниот законик.
Со делото за кое обвинет, струшкиот градоначалник го оштетил буџетот на Општината за 6 763 722 денари, односно околу 110 000 евра.
Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството наведуваат дека како службено лице градоначалникот на Општина Струга ги пречекорил своите овластувања и склучил договор за изведување на осветлувањето на дел од речното кориот на Црн Дрим, без претходно да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Со тоа овозможил на избраната фирма-изведувач да постави светлосни тела во водите на реката во должина од по 900 метри од двете страни на коритото“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Во текот на постапката, како што велат оттаму, биле преземени повеќе дејствија, меѓу кои и вештачење кое покажало дека инсталацијата од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и хидро-биолошкиот систем во реката.
„За изведба на проектот на правно лице од струшкото село Мислодежда му биле исплатени 6 763 722 денари и за тој износ бил оштетен буџетот на Општина Струга“,
наведуваат од Јавното обвинителството.
Инаку, против актуелниот струшки градоначалник досега се водеа повеќе постапки, од кои дел завршија и со судски пресуди.
Еден од случаите беше за набавката на службен автомобил „ауди“ во вредност од 67 000 евра. За овој предмет, Мерко доби ослободителна пресуда, бидејќи судот во Струга уврди дека постапката за јавна набвака била спроведена без прекршување на законските процедури, како и дека нема докази дека градоначалникот дејствувал со намера за себе да прибави лична или политичка корист.
Со парична казна од 10 000 евра завршија судските процеси што против Мерко се водеа за несовесно работење во службата, конкретно, за нерегуларности при назначувањето на в.д. директори на основни училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.
Ова е десетто обвинение против актуелниот градоначалник на Струга, против кого покрај претходно споменатите пресуди, кои сè уште не се правосилни, се водат судски постапки, меѓу кои и за поставувањето спомен-плоча на општинската зграда и за бесправна градба кај хотелот „Дрим“. Рочиште од судскиот процес за овој предмет денеска беше одложено во Основниот суд Битола.
Инаку, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој доаѓа од редовите Демократската унија за интеграција (ДУИ) на 9 јуни 2023 година се најде на „црната листа“ на САД поради сериозна корупција и мешање во судски процеси.