Пазарната инспекција извршила околу 150 контроли на повеќе од 400 објекти што продаваат училишни материјали, вклучувајќи книжарници, маркети и други продавници

Заврши мерката „училишна кошничка“, која траеше од 15 август до 15 септември. Заштедата за семејство со двајца ученици изнесува околу 3 000 денари, информираше денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Тој најави дека в петок ќе бидат доставени конечните податоци до Владата. Ристески ја оцени мерката како одлична можност за родителите и учениците поради почетокот на новата учебна година.
„Имаа одлична можност на сите пунктови каде што се набавуваат училишни материјали да ги купат по поевтини цени, она што беше предвидено со одлуката и мерката. Морам да пофалам, некои книжарници имаа и акции со поголеми намалувања од она што беше предвидено“,
изјави Ристески.
Пазарната инспекција извршила околу 150 контроли на повеќе од 400 објекти што продаваат училишни материјали, вклучувајќи книжарници, маркети и други продавници.
„Иако беа забележани мали пропусти, во глобала мерката беше почитувана од трговците. Имаше мали опомени, но до крај мерката беше испочитувана. Според првичните сознанија, заштедата по ученик се движи од 750 до 2 000 денари. Просечно семејство со двајца ученици или студенти би заштедило во овој период околу 3 000 денари“,
додаде Ристески.
Трговците на големо го намалија училишниот материјал за најмалку 10 проценти, додека во трговија на мало за најмалку 15 проценти. По намалена цена се продаваа ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни бои, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски чанти и материјали за изработка, како и други производи потребни за учениците.