Притворот, додаваат од Кривичен, е на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје

Нови 48 часа притвор им е одреден на четирите лица опфатени во постапката во врска со пожарот што во саботата избувна во објект на фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево, информира денеска Основниот кривичен суд Скопје.
Притворот, додаваат од Кривичен, е на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје.
Претходно, на 15 септември, Кривичниот суд одреди краткотраен притвор од 48 часа за четири лица што претходната вечер во врска со пожарот беа спроведени во Судот.
Четирите лица се осомничени за кривичното дело од член 230 став 3, а во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), односно загрозување на животната средина и природата со отпад.
Според Обвинителството, станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.
Денеска се очекува ОЈО Скопје да го започне увидот на лице место во однос на причините за пожарот. По наредба на јавниот обвинител, како што беше информирано, екипи на СВР Скопје и вчера излегле на самото место со цел преземање дејствија и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животна средина со отпад.
Пожарот избувна во саботата на 13 септември околу 14 часот во складиште за рециклирање отпад во Трубарево.
Како што информираа утринава од Центарот за управување со кризи (ЦУК) пожарот во Трубарево е под контрола.