Од ОЈО Скопје информираат и дека утре треба да започне увидот на лице место во однос на причините за пожарот, а дека увидните екипи на терен ќе ги координира јавен обвинител. Се преземаат и повеќе дејствоја за обезбедување и анализа на документација во однос на постапката за загрозување на животната средина со отпад
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа за четири лица опфатени во постапката во врска со пожарот што во саботата избувна во објект на фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево, информира денеска републичкото јавно обвинителство.

На 15 септември, Кривичниот суд одреди краткотраен притвор од 48 часа за четири лица, што претходната вечер во врска со пожарот беа спроведени во Судод.
Четирите лица се осомничени за кривичното дело од член 230 став 3, а во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), односно загрозување на животната средина и природата со отпад.
Според Обвинителството, станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.
Од ОЈО Скопје информираат и дека утре треба да започне увидот на лице место во однос на причините за пожарот, како и дека увидните екипи на терен ќе ги координира јавен обвинител.
„Екипи на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје по наредба на јавен обвинител и денеска излегоа на лице место со цел преземање дејствија и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животната средина со отпад“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму додаваат и дека се преземаат повеќе дејствија за обезбедување и анализа на документација за овој случај.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера, одговарајќи на новинарско прашање колку длабоко ќе оди истрагата, односно ќе се истражува ли дали фирмата чиј објект се запали во скопското Трубарево ги исполнувала техничките услови за третиреање на ваков тип отпад, кој ја дал дозволата, дали има лиценца, дали биле запазени противпожарните стандарди, односно дали ќе се постапува како во случајот со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, рече дека во моментов не сака да навлегува во детали, но, додаде дека истрагата „ќе оди најдлабоко колку што може да оди“.
„Уште од самиот почеток се работи на предметното правно лице, всушност оние што беа задржани и на кои им е одреден краткотраен притвор, а се поврзани со сопственичка и управувачка структура во рамките на компанијата. Така што сето ова што го напоменавте ќе биде нужно да се истражи и да се расветлат сите овие прашања“,
рече тој.
Дополнително, според него, треба да се оди чекор подалеку и не само за оваа фирма. Во таа насока тој ги повика сите институции да ги преземаат дејствијата што се во нивна надлежност за да се превенираат вакви случаи, а не да се реагира откако тие ќе се случат.