Тој додаде дека целата нарација на премиерот е обид да се избегне одговорност за дилетантското водење на државата и за неспособноста на тимот да се справи со кризите

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, смета дека изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за наводен хибриден напад врз државата од странски центри на моќ се злоупотреба на безбедносната сфера и пиаровска драма со цел прикривање на неспособноста на власта.
Филипче истакна дека досега ниту еден премиер не се осмелил толку да ја злоупотребува безбедносната состојба во земјата и да ги користи безбедносните механизми за политички цели. Тој нагласи дека доколку постоеле реални закани од хибридни напади, институциите морало веднаш да реагираат.
„Ако беше така како што кажува премиерот, ако навистина сме под напад или закана на некои хибридни напади или некои странски центри на моќ, тогаш прво, требаше да заседава Советот за безбедност, требаше на терен да излезе Армијата, требаше на терен и во јавност да излезе министерот за одбрана, требаше да се активираат сите безбедносни служби во државата, требаше да се извести НАТО како наш стратешки партнер. Ништо од тоа не се случува“,
рече Филипче.
Според него, владата на ВМРО-ДПМНЕ не понудила ниту едно вистинско решение за сериозните проблеми што се напластуваат во последните година и половина. Тој додаде дека целата нарација на премиерот е обид да се избегне одговорност за дилетантското водење на државата и за неспособноста на тимот да се справи со кризите.
На прашањето за конкретни предлози за решавање на проблемите, Филипче понуди три насоки како анализа на претходните ветувања, детална анализа на институциите е депониите, а рече дека е потребно и дел од министрите да се поднесат оставки.
Според него, треба да се направи анализа на она што ВМРО-ДПМНЕ го ветувало пред четири години, особено во однос на чистењето на депониите и создавањето паркови на нивно место, и да се провери до каде се со реализацијата на тие ветувања.
Потребно е, вели тој, да се изврши детална анализа на сите институции и депонии што работат во земјава, со цел да се превенираат нови кризи.
„Ова вклучува проверка на лиценци, оддалеченост од населени места, откривање на нелегално работење со отпад и анализа на потеклото на увезениот отпад“,
рече Филипче.
Во однос на пожарот во Трубарево, Филипче смета дека дел од министрите треба да поднесат оставка. Тој ги посочи министерот за здравство, кој наводно ги излажал граѓаните за загаденоста на воздухот, и министерот за внатрешни работи, чија најава за евакуација не била соодветно спроведена. Исто така, побара итно мерење на концентрациите на диоксини, фурани, јаглеводородни честички, тешки метали (никел, кадмиум, олово) во воздухот и почвата, како и испитување на водата од страна на странска лабораторија.
По пожарот, што во саботата избувна во селото Трубарево, во фирмата „Ф-групација“ која се занимава со електронски отпад, надлежните рекоа дека надлежните информираа дека нивото на радијација во воздухот не е зголемено, а се мери нивото на радијација во почвата и водата.
Информациите беа дека има високо загадување на воздухот во непосредна близина на пожарот, а Министерството за животна средина најави официјални мерења од акредитирани лаборатории на чии резултати и натаму се чека.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека пожарите што се случуваат во државата се организирани од центри на моќ од државата и надвор, за што, како што кажа, има информации од службите.
Според премиерот вакви, како што ги нарече, диверзии, ќе се случуваат и во периодот што следи, затоа што „има центри на моќ во државата, и надвор од неа, кои не сакаат оваа влада да успее.
И Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вчера изјави оти останува на ставот дека избувнувањето на пожарите не е случајност и дека се работи за хибриден напад на Владата.
Пред да се случи пожарот во Трубарево, пред две недели избувна пожар на дива депонија на локацијата Вардариште, а минатата недела стихија ја зафати депонијата „Дрисла“.