Според Обвинителството, двајцата поранешни директори со незаконски јавни набавки на лекови, без согласност на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), и со злоупотреба на службената положба предизвикале штета на буџетот од над 2,2 милијади денари. Со злоупотреба на системот на реверси, без правна основа довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании
И двајцата ексдиректори на Онкологија рекоа дека не се чувствувуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар. Нивната одбрана тврди дека обвинението за „Онкологија 2“ е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење до лица што се инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за поранешен медицински и економски директор, што биле сменети од функциите токму од Васев
Во Кривичниот суд денеска почна судењето против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехат Нухи, за обвиненија што не се однесуваат за лекување на пациентите, туку за економското работење на клиниката – предмет наречен „Онкологија 2“.

Обвинителството ги товари Васев и Нухи за злоупотреба на службената положба и овластување, измама и проневера во службата.
Според Обвинителството, двајцата поранешни директори со незаконски јавни набавки на лекови, без согласност на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), и со злоупотреба на службената положба предизвикале штета на буџетот од над 2,2 милијарди денари. Со злоупотреба на системот на реверси, без правна основа довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании.
Обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска пред Судот рече дека во текот на постапката ќе изведе материјални докази, финансиски извештаи, документација од јавни набавки и сведочење на службени лица, со кои ќе се потврди дека обвинетите не постапувале во интерес на јавната установа, туку во свој личен интерес.
И двајцата ексдиректори на Онкологија рекоа дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар. Нивната одбрана тврди дека обвинението за „Онкологија 2“ е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење до лица што се инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за поранешен медицински и економски директор, што биле сменети од функциите токму од Васев.
Првообвинетиот Нино Васев пред Судот рече дека не се чувствува виновен, како и дека во целиот работен ангажман на Клиниката од 35 години, целта секогаш му била да се спасат човечки животи.
„Од 2017 година сум директор на таа клиника и имам наследено реверс од директор што јас го имам сменето и кој е потписник на вештачењето против мене во овој случај, а второто економско вештачење е потпишано од втората економска директорка, разрешена на мое барање поради финансиски злоупотреби. Во обвинението се одземени шест месеци од мојот мандат каде може да се види што точно сум наследил и како е намален долгот од 35 милиони на 30 илјади. Сакам да се види како успеавме наследените долгови во недостиг на лекови да го решиме со земање наводни реверси, за тоа да ни се земе како наводно сме направиле штета“,
кажа Васев.
За наводите од Обвинителството дека ФЗО бил доведен во заблуда, тој рече дека треба да се види оти онколошките тендери ги правело Министерството за здравство, а Клиниката само ги плаќала, укажувајќи дека одложувањето на тендерот од пет месеци во 2020 година значело недостиг на лекови и терапија за пациенти.
И второобвинетиот Нехат Нухи рече дека не се чувствува виновен и дека тоа ќе го докаже во постапката.
„Мојата невиност ќе произлезе од материјалните, така и од вербалните докази што ќе ги изведеме и предлагаме, пред сè економско-материјално вештачење, од кое на сите ќе им стане јасно колку пропусти има направено Обвинителството и зошто ги пробија сите рокови“,
кажа тој.
Судот информира дека одбраната денеска поднела писмено барање за изземање на вешто лице на Обвинителството.
За Нино Васев веќе се води судски процес по друго обвинение за случајот „Онкологија“. Таму се обвинети уште тројца други лекари. Васев, заедно со уште една лекарка, е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето и несоодветно лекување, при што кај 29 пациенти применил неподобна терапија спротивна на онколошките упатства.
Судењето продолжува на 16 септември во Кривичниот суд во Скопје, со испитување на сведоци предложени од Обвинителството.