Регистарот на тендери на Бирото за јавни набавки на 4 јули исфрли два договори каде договорен орган е АД ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ). Нивната вкупна вредност е 1,56 милиони евра со ДДВ. Или, ако се одземе данокот, 1,34 милиони евра. Предмет на набавката се „услуги од градежна механизација“, ставка на која минатата влада, заедно со услуги за ископ на јаглен, потроши над 200 милиони евра. Актуелната влада, иако ја критикуваше праксата како коруптивна и најавуваше дека ќе купи сопствена механизација за РЕК Битола, веќе потроши повеќе од 50 милиони евра за истата намена, главно со истите фирми кои соработуваа и со претходниот естаблишмент.
Анекси склучени на последниот ден од истекот на договорот
Подетален увид во последните договори за надворешна механизација открива дека сепак не станува збор за нови договори, туку за анекси на стари договори од 2018 година, еден со компанијата „МИС-КОМЕРЦ“ од Скопје, другиот со компанијата „Марковски“ од Битола. Интересно е што старите договори биле потпишани на 26 јуни 2018 година со рок на важење од една година. Новите договори или анексите, се потпишани на 25 јуни 2019 година или само еден ден пред да истечат старите договори.

„360 Степени“ упати неколку прашања до Електрани на Северна Македонија, како за анексите, така и за неостварената најава за купување сопствена механизација за РЕК Битола. За делот од прашањата за последните договори одговорите ги даде РЕК Битола а за купување механизација, централата на ЕСМ.
Објаснувањето на менаџментот на најголемата електрана во земјава е дека причината за анексите е што за време на едногодишниот договор била надмината максималната сума предвидена за набавката, поради непредвидени околности.
„Постапката беше неопходна бидејќи предметот на оваа услуга е директно поврзан со производството на јаглен и заради зголемената потреба од работни активности на овие типови на механизација во зимскиот период“,
одговорија од РЕК Битола.
Нови анекси, стари „играчи“
Потписник на двата анекси за кои менаџментот на РЕК Битола вели дека се последица на зголемена потреба од работни активности е директорот Васко Ковачевски. Своевиден парадокс е што токму Ковачевски, како опозициски пратеник, обвинуваше дека договорите со директно преговарање со компанијата „Марковски“ се сомнителни и дека фирмата е блиска со тогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Ковачевски и како пратеник а потоа и како директор ја бранеше тезата дека најдобро решение за РЕК Битола е да се купи сопствена механизација. Последен пат, за порталот „Фактор“, тој најави дека очекува тендерот за механизација да биде распишан во јуни. Веќе е средина на јули, но таква јавна набавка се уште не постои.
Кога ќе има тендер за механизација, не се сигурни ниту во ЕСМ
Зошто се уште не е распишан тендерот за набавка на сопствена механизација за РЕК Битола, одговор добивме од менаџментот на Електрани на Северна Македонија. Како што и самите велат, ставот е непроменет од последниот пат кога „360 Степени“ пишуваше на темата.
Се уште немаме одговор на нашето барање за доделување на дел од механизацијата која државата ја конфискува од Трансмет, за користење од страна на РЕК Битола, како оштетена страна во случајот. Добивањето или недобивањето на таа опрема битно ќе влијае на обемот на механизација кој ќе треба да се купи со предметниот тендер.
велат од Електрани на Северна Македонија.
Идејата за набавка на сопствена механизација за потребите на РЕК Битола сепак е постара од идејата за искористување на дел од конфискуваната механизација на „Трансмет“. Повеќе детали за историјатот на овој случај, можете да прочитате на линкот подолу.