Онкологот Мери Пешевска, вработена на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, денеска пред судот призна вина. Таа рече дека за седумтемина пациенти за кои е обвинета не е сигурна дека таа ја продолжувала терапијата зашто, како што рече, нејзиниот печат во тој период стоел на шалтер и тоа го направила со цел побрзо и да не чекаат пациентите

Четворицата лекари од Клиниката за радиотерапија и онкологија, кои се обвинети за несовесно лекување пациенти, меѓу кои е и поранешниот директор Нино Васев, денеска беа во Основниот кривичен суд Скопје каде што се одржа судскиот процес против нив. Тие се соочуваат со обвиненија за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување.
Пред Судот, поранешниот директор Нино Васев се изјасни дека не се чувствува виновен за кривичните дела што му се ставаат на товар.
„Не, апсолутно не“,
одговори Васев на прашање од Судот.
Во судница присутни беа и другите тројца обвинети Мери Пешевска, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје.
На почетокот, судијката Снежана Марковска, информира дека приговорите на одбраната за вештачењата изработени во Словенија и Србија се одбиваат како неосновани.
„Не се дозволува издвојување на вештачењата од списите на доказите по предметот. Со оглед дека се доставени замолници за меѓународна правна помош до надлежните органи согласно законите за меѓународна правна помош, судот цени дека доказите се прибавени на законит начин“,
изјави судијката Марковска.
Судот на почетокот го одби и барањето за спојување на постапката од страна на одбраната на Нино Васев со предметот што се види против него и економскиот директор на Онкологија, Нехат Нухи.
Обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска во однос на предлогот рече дека од доказите набавени во истражната постапка е донесена одлука за поднесување на две засебни обвиненија од објективни причини.
„Природата на кривичните дела воопшто не е иста и доказите кои ги цитирате не се во голем број за да направат суштинска разлика. Обвинителството смета дека е поцелисходно постапките да се одвоени и да се водат засебни“,
изјави Гоговска-Јакимовска.
Одбраната на Васев рече дека против него се води некој вид заговор и дека во целост ќе се спротивстават и побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите Даворин Милосављевиќ од Белград, Србија и Маја Радник, од Марибор, Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.
„Имаме јасна цел да докажеме дека обвинетиот Никола Васев професионално и законито ја извршувал својата професија и работни задачи на Клиниката за онкологија. Преку сослушување на овие лица покажуваме јасна намера дека не ни е целта вознемирување на јавноста во нашата држава и на тој начин да ја градиме одбраната, туку сведоците да посочат за работењето на Клиниката, односно за постоењето и следењето на протоколи на Клиниката, како и на правилно извршување на задачите на обвинетиот“,
изјави адвокатот на Васев.
Васев додаде: „Се дозволило во постапката вешто лице да биде што јас сум го сменил од директор на Клиниката кога сум станал директор 2017 година“.
„Зошто не се опфатени првите шест месеци од мојот мандат… многу едноставно зошто наследив долг од 1,7 милиони евра и на крајот од годината завршиме со долг од 30 илјади евра. Тоа лице што ги направило тие долгови и реверзи на лекови што ги наследив не може да биде вешто лице во мојот случај, а сум го сменил од директорско место за нестручно работење“,
изјави Васев.
Васев пред Судот, исто така, посочи дека има 35 години работно искуство со 1 000 пациенти годишно, членство во сите европски институции за изработување на сите тие протоколи за кои ме обвинуваат, повеќе од десет авторски трудови со најголем импакт фактор, единствен од Македонија што има авторски труд во „Ланест“, токму за употреба на имунотерапија,
Онкологот Мери Пешевска, пак, вработена на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, денеска пред судот призна вина.
Пешевска пред Судот рече дека за седумтемина пациенти за кои е обвинета не е сигурна дека таа ја продолжувала терапијата зошто, како што рече, нејзиниот печат во тој период стоел на шалтер и тоа го направила со цел пациентите да не чекаат.
„Совесно и одговорно тврдам дека мојата лозинка во системот и печатот и сум ги оставила на шалтер и ги користеле практиканти и ја прифаќам вината“,
изјави Пешевска.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.