Бидејќи не знаеме македонски, а со цел песните на Конески да стигнат до грчкиот читател, овој избор беше направен и покрај неговите очигледни ограничувања, пишуваат приредувачите на портретот
Јазикот на кој твори Конески, во текстот, е именуван како македонски, без никакви додавки или интерпункција
Грчкото електронско списание за литература и поезија „Карта“ објави портрет на Блаже Конески насловен „Житијата на Блаже Конески“ дополнет со песни од поетската ризница на најистакнатиот македонски книжевник и лингвист.
Во јунското издание на месечникот „Карта“ на грчки се преведени „Житие за Бона“, „Житие на Таса Бојаноска“, „Белата тетка“, „Успение на тетка Менка“, „Орде“ и „Свети Спиридон нови“.
Информацијата за овој гест, на социјалните мрежи ја сподели нашиот писател, есеист и новинар, Томислав Османли.
Конески, во грчкото списание, е именуван како „корифеј на духовниот живот на соседна Северна Македонија“. Уредништвото изразува жалење што преводите се посредувани, направени преку англиски преводи на поезијата на Конески, додавајќи: „бидејќи не знаеме македонски, а со цел песните на Конески да стигнат до грчкиот читател, овој избор беше направен и покрај неговите очигледни ограничувања“.

Османли додава дека пријателски интонираниот текст е илустриран со сјајниот портрет на академик Конески дело на авторот Данчо Кал’чев.
Авторите на „Карта“ се добропознати литературни критичари, писатели и новинари. Во портретот за Конески тие изразуваат надеж дека наскоро ќе има преведувачи кои ќе се заложат да ја препорачаат неговата работа во нивната земја директно од оригиналот.
Османли, пак, забележува дека независно од напишаното, преводите се многу добри.
„За поздравување се, особено, благородните намери што стојат зад оваа бележита објава на нашите грчки колеги по чисто книжевно перо и по искрена καλοκαγαθία“,
пишува Османли.