Оттаму посочуваат дека секое незаконско следење на комуникациите може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и додаваат дека ваквите случаи, доколку се основани, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) повикаа надлежните итно и врз основа на закон да постапат во врска со наводите за можни случаи за незаконско следење на новинари во периодот од 2019 до 2024 година.

Оттаму посочуваат дека секое незаконско следење на комуникациите може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и додаваат дека ваквите случаи, доколку се основани, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите.
„Очекуваме обвинителството и судството да постапат одговорно и без одлагање, со цел да ја заштитат слободата на медиумите и да обезбедат правна сигурност за сите новинари и медиумски работници во земјата. Истовремено, бараме од политичките партии и носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни пресметки, во кои користат новинарски имиња бидејќи со тоа можат да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите“,
велат оттаму додавајќи дека новата регулатива на Европскиот парламент забранува незаконско следење на новинари и предвидува обврска на членките и земјите кандидати да обезбедат заштита од вакви практики.
За развојот на случајот, како што велат од ЗНМ и ССНМ, ќе биде информирана и Европската федерација на новинари (ЕФЈ), каде што двете организации се полноправни членки. Дополнително, посочуваат дека се подготвени да обезбедат правна помош и поддршка за потенцијално оштетените новинари или оние чии права се прекршени.
Во контекст на наводите за нелегално прислушување на новинари, од ЗНМ и ССНМ потсетуваат на масовното прислушување во 2015 година, меѓу кои и на голем број новинари, кое сè уште нема добиено соодветна судска разрешница и покрај напорите на новинарските здруженија.