Во изречената казна, како што потврдуваат од судот, ќе се засмета и времето што обвинетиот го поминал во куќен притвор, што подоцна беше преиначено во мерка притвор

Основниот кривичен суд во Скопје денеска донесе пресуда со која Сулејман Љамалари е осуден на две години затвор за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Од Кривичен велат дека против ваквата пресуда странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје во рок од осум дена по приемот на пресудата.
Во изречената казна, како што потврдуваат од судот, ќе се засмета и времето што обвинетиот го поминал во куќен притвор, што подоцна беше преиначено во мерка притвор.
„По однос на мерката притвор, судот одлучи таа да се продолжи до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, но не подолго од шеесет дена“,
се наведува во соопштението од Кривичен.
Случајот за кој е осуден Љамалари се однесува на инцидентот од 11 јули годинава, кога Арсовска била на терен со овластени службени лица по пријава за бесправна градба. Според обвинението, Љамалари пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал градоначалничката физички и вербално, нанесувајќи ѝ телесни повреди и упатувајќи сериозни закани.
На претходното рочиште Љамалари цврсто ги негираше обвинувањата дека ја нападнал градоначалничката и рече оти тој во целиот случај не бил напаѓач, туку жртва.
Тој рече дека дента се обидувал да го тргне телефонот на Арсовска додека таа се обидувала да го снима, а со раката мавтал за да спречи неовластено снимање.
Тој воедно рече дека ситуацијата ескалирала во вербална, а потоа и во физичка пресметка за многу брзо време и оти Арсовска го удрила со нога во пределот на натколеницата на левата нога, додека тој стоел, не преземајќи ништо.
Неговото сведочење беше сосема различно од тврдењата на Обвинителството, но и на оштетената, градоначалничката Данела Арсовска, која на првото рочиште одржано во јули годинава за Љамалари кажа дека бил исклучително агресивен и оти во нападот кој траел повеќе од четириесет минути таа се чувствувала загрозено, несигурно и исплашено.
Инаку, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против две лица за инцидентот што се случи на средината на јули, кога во скопски Чаир вербално и физички беше нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која по инцидентот доби 24-часовно полициско обезбедување.
Судењето го водеше судијката Билјана Коцевска, а застапник на обвинението беше обвинителот Александар Давчевски.